• среда, 25 декември 2024

Протести во Полска поради најавите за отфрлање на Истанбулската конвенција

Протести во Полска поради најавите за отфрлање на Истанбулската конвенција
Варшава, 24 јули 2020 (МИА) - Илјадници луѓе денеска протестираа во Варшава и другите полски градови против планот на конзервативната влада да се повлече од Истанбулската конвенција, меѓународен механизам за заштита на жените од насилство, што Полска веќе го ратификуваше пред неколку години. Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жената и семејното насислтво,  што во 2011 година беше усвоена од Советот на Европа, е првиот правно обврзувачки и сеопфатен меѓународен механизам за борба против насилството врз жените и семејното насилство. Започнуваме подготовки за повлекување од конвенцијата, изјави полската министерка за труд, Марлена Макијаг, минатата недела за ултракатоличкиот канал Трвам. На покана на повеќе феминистички организации, демонстрантите прво се собраа пред седиштето на невладината органзиација за истражување и лобирање за „културен идентитет“, а кое често пати е обвинувано дека го брани „католичкиот верски фундаментализам“, за подоцна да се упатат  кон седиштето на Министерството за труд. „Престанете со насилството врз жените“, викаа демонстрантите. Слични протести се одржаа во околу 20 полски градови, вклучувајќи ги Гдањск, Катовице, Краков, Лоѓ и Познан, соопштија организаторите. Полска го потпиша документот во 2012 година, и го ратификуваше три години подоцна, во време кога на власт беше центристичката коалиција. Истанбулската конвенција, исто така, предизвика контроверзии и во неколку други европски држави. Унгарскиот парламент ја отфрли конвенцијата во мај, а владата на премиерот Виктор Орбан верува дека таа „промовира деструктивна родова идеологија“ и „нелегална миграција“. Во март 2019 година, словачкиот парламент одби да ја ратификува Истанбулската конвенција со образложение дека ќе ја наруши уставната дефиниција на бракот како заедница на жена и маж. сд/

Остани поврзан