• четврток, 26 декември 2024

Протестите во Иран се зголемуваат, жените сè погласни за своите права

Протестите во Иран се зголемуваат, жените сè погласни за своите права
Техеран, 10 октомври 2022 (МИА) - Владини претставници се борат да стават крај на протестите предводени од млади Иранци, особено од женскиот пол, кои претходно се сметаа за незаинтересирани за политиката, пишуваат дел од британските медиуми. Во Иран денеска се слушнаа истрели и експлозии, додека протестите за смртта на младата Махса Амини продолжуваат низ земјата. Амини почина во притвор, откако беше задржана од моралната полиција на Иран, бидејќи не ја носела шамијата правилно. Се очекува британската Влада да најави прва рунда санкции против ирански официјални лица за кои се верува дека насилно ги задушуваат демонстрациите. Во застрашувачки развој за режимот, над 1.000 работници во петрохемиски погони во Бушер и Дамаванд се заканија со штрајк, скандирајќи „смрт за диктаторот“, пренесува Гардијан.   За време на протестите синоќа, наводно убиено е 22-годишно момче од страна на безбедносните сили. Есмаил Зареј Куша, гувернер на иранската провинција Курдистан, наведе без да обезбеди докази, дека непознати групи „планирале да убиваат млади луѓе на улиците“ во саботата. Немири се пријавени и во затвор во Рашт. Официјални лица тврдат дека инцидентот бил предизвикан од расправија меѓу двајца затвореници. Но, има извештаи и за политичка активност во објектот изминатите денови. Медицински лица повикаа безбедносните сили да покажат поголема воздржаност, тврдејќи оти демонстранти се вадени од амбулантни возила и тепани со палки. Иранскиот официјален печат објави имиња на 24 службеници за безбедност за кои се тврди дека се убиени од страна на бунтовници откако почнаа протестите. Владата повтори дека протестите се или увеличени или генерирани од медиуми како Би-би-си на персиски јазик и Иран интернешнл.  Таа обвини дека некои медиуми ги „хранат“ луѓето со лаги. На социјалните медиуми пак, ученици тврдат: „Ова не е протест, ова е револуција“, „сиромаштија корупција и неправда, срам за оваа тиранија“ и „не мислете дека е само денеска, ние ќе излегуваме секој ден“. Сопругот на иранската новинарка Нилоуфар Хамеди, која помогна да се рашири приказната за смртта на Амини, изјави дека неговата сопруга е сè уште во затвор, 18 дена откако беше уапсена. На неделната прес-конференција во Техеран, иранското Министерство за надворешни работи побара неговите амбасади низ Европа да бидат заштитени подобро. Во иранската амбасада во Лондон вчера влегоа најмалку две лица кои протестираа, а знамето на Иран беше симнато од неговиот јарбол. бд/ссм/

Остани поврзан