• четврток, 19 декември 2024

Протестен марш во Скопје за поддршка на палестинскиот народ во Газa

Протестен марш во Скопје за поддршка на палестинскиот народ во Газa

Скопје, 17 ноември 2023 (МИА) - Протестен марш за поддршка на палестинскиот народ во Газа се одржа вечерва во Скопје. Маршот кој започна од пред споменикот против геноцидот во Сребреница кој се наоѓа во паркот во Чаир, продолжи низ булеварот „Цветан Димов“ се до Мурат Пашина џамија во Старата скопска чаршија, со скандирања за „итен прекин на огнот во Газа“, „стоп за убивањето на децата во Газа“,„стоп за поддршката на Израел“. Од Платформата на здруженијата за поддршка на Палестина, кои се организатори на протестниот марш, бараат итен прекин на огнот и давање хуманитарна помош од буџетот на државата за поддршка на Газа.

Во име на заедничката Платформа на граѓански здруженија за поддршка на Палестина, Селма Ризвановиќ Мандал, во нејзиниот говор укажа дека војната во Газа не е почната на 7 октомври и дека над 11 500 убиени цивили, од кои над 4 630 деца и над 1 милион раселени, не се првите и единствените цивилни жртви во Палестина.

-Палестинското прашање датира од 1948 година и за 75 години окупација, до сега се убиени над стотина илјади цивили во Газа и на Западниот Брег. Од 7 октомври до денес, на секои 10 минути Израел убива по едно дете во Газа. Ова не се само бројки, туку засекогаш затворени мали очиња, прерано згаснати животи на идни студенти, инженери, доктори, новинари, научници, уметници, писатели, сè што можете да си замислите, тоа никогаш нема да бидат. Децата во Газа имаат право на живот, децата во Газа имаат право на мирен сон, изјави Ризвановиќ Мандал.

Според неа, бројката на жртви во Газа ја надмина онаа на геноцидот во Сребреница, кој беше осуден од страна на целиот свет и рече дека граѓаните се разочарани од воздржаното гласање во Обединетите нации.

-Од овој наш собир уште еднаш апелираме до претседателот, премиерот и претседателот на Собрание, да ги послушаат реакциите на граѓаните за прекин на огнот, за непочитување на меѓународното хуманитарно право, како и за испраќање хуманитарна помош од буџетот на државата. Не бидете неми на барањата кои уште пред 3 недели ви ги доставивме. Дајте одговор веднаш, истакна Ризвановиќ Мандал. сх/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан