• сабота, 23 ноември 2024

Протестен марш во Куманово

Протестен марш во Куманово
Куманово, 14 јули 2022 (МИА) - Во Куманово вечерва се одржа протестен марш против „францускиот предлог“ од кој беше порачано дека не смее да се преговара за македонски јазик и македонски идентитет. Маршот кој го организираше здружението „За наше Куманово“ почна од центарот на градот од улицата „Ленинова“ и преку централните градски улици, заврши пред споменикот на градскиот плоштад. Учесниците на протестот со транспарентни во раце и со знамиња кажаа дека „сакаат влез во ЕУ, но не по цена на идентитетот и јазикот“. На присутните покрај останатите им се обрати и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој рече дека од историјата треба да се учи и да се извлечат поуки за градење светла иднина. Осврнувајќи се на договорот, Димитриевски изјави дека е едностран и нема никакви обврски за втората страна. Тој му се обрати и на премиерот Димитар Ковачевски и на пратениците кои потекнуваат од Куманово, да не заборават од каков град доаѓаат. - Куманово е за Европа, Македонија е за Европа, но она Европа отворена за сите, без уцени, ултиматуми. Во Европа ќе влеземе како Македонци кои говорат македонски јазик, беа пораките кои ги испрати Димитриевски. Пред присутните зборуваа и Благе Јакимовски, поддржувач на традициите на борците од НОБ, претседателката на општинскиот Совет, Ивана Ѓорѓиевска, како и Стефан Петковски, кои порачаа дека „не смее да се заборави револуционерното и светлото минато на Куманово и на Македонија, која секогаш била на вистинската страна низ историјата“. ам/сх/

Остани поврзан