• среда, 27 ноември 2024

„Простор за разговор“ - уметнички активизам за подигнување на свеста

„Простор за разговор“ - уметнички активизам за подигнување на свеста
Скопје, 12 октомври 2022 (МИА) - По повод Светскиот ден на ненасилство врз жените, на 26 ноември во Националната галерија „Мала станица“ во Скопје ќе почне проектот „Простор за разговор“ или „Dancing (TalkingTable“ кој, преку уметнички активизам има за цел да ја подигне свеста за родовата еднаквост и ненасилство врз жените. Проектот го изработува Интерарт културниот центар, во соработка и со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје. „Простор за разговор“ се базира на вистински животни приказни, чии сценски рефлексии ќе бидат отсликани преку современ танцов перформанс. Директорот на Интерарт културен центар, Матеа Мијановиќ, кој го води проектот, смета дека е важно да се постават прашања во однос на темата и јавно да се разговара за истата. Рисима Рисимкин, која е една од водечките македонски кореографи и деканка на Филмската академија и Катедрата за современ танц при универзитет „Гоце Делчев“ истакна дека преку овој проект треба да се сврте вниманието на јавноста и да создадеме похумано и по грижливо општество.

-Преку овој проект сакам да го свртиме вниманието на јавноста кон овој горлив проблем, да создадеме едно похумано и по грижливо општество, во кое секој ќе го најде своето место и ќе може да живее без стеги и страв. Сакам преку уметнички активизам да допринесам во ослободување и поголемо социјализирање на општеството. Многу сум благодарна до сите учесници во проектот, до Швајцарската амбасада која го препозна и го поддржа проектот, како и до сите наши партнери во Скопје и низ градовите во земјава, каде ќе се одржуваат настаните на проектот, посочи Рисима Рисимкин.

Во рамките на овој проект, предвидено е да се одржи серија настани, во кој ќе биде изведен перформанс на темата, а потоа ќе има округла маса, на која ќе се дискутира за проблемите.

-Ќе бидат поканети, социолози, активисти други личности, кои ќе говорат за тоа каде сме и што треба понатаму да направиме во однос на социјалната положба и родовата еднаквост, воедно ќе се споделуваат искуствата. Проектот во тек на пролетта 2023 година, ќе патува низ десетина градови во земјава со цел да се поттикнат активностите и свесноста на што поголема територија, најавија организаторите.бт/дма/

Остани поврзан