• сабота, 23 ноември 2024

„Простор за разговор“ во Велес: Културната сцена може да биде двигател кон позитивни промени во насока на родова еднаквост

„Простор за разговор“ во Велес: Културната сцена може да биде двигател кон позитивни промени во насока на родова еднаквост

Скопје, 22 мај 2024 (МИА) - За еднa заедница да се идентификува како демократска потребно е да се имаат во предвид потребите на сите граѓанки и граѓани во креирањето, носењето и спроведувањето политики, вели Ана Зафировска, новинарка и активистка, која го модерираше настанот „Простор за разговор“ во Велес, повикувајќи се на податоци од Реактор.

-Во земја како нашата каде повеќе од половина од жените на работоспособна возраст не се ниту вработени, ниту регистрирани во Агенцијата за вработување; 62 отсто од нив не бараaт работа поради тоа што се грижат за семејството. Патем жените извршуваат 72 проценти од неплатената работа поврзана со домот, децата, возрасните, нели тоа  е „работа“ на жената.  Жените со високо образование заработуваат помалку од мажите со високо образование, иако во просек тие се пообразовани од мажите. Со вакви бројки не можеме да зборуваме за демократија и родова еднаквост, рече Зафировска.

Како дел од настанот „Простор за разговор“, чија основна цел е рушење на стереотипите и подигање на свеста за родовата еднаквост, денеска на културната сцена во Велес беше изведен перформанс.

 „Простор за разговор“ е настан со којшто преку уметност, танц, театар и филм сплотени во еден перформанс се зајакнува чувството на припадност кон заедницата и ги поттикнува младите, маргинализираните и социјално ранливите да се вклопат во заедницата.

Од ХЕРА велат дека токму целта на овој перформанс е да обезбеди простор на младите отворено да зборуваат за предрасудите за родовата еднаквост.

-Сите сакаме здраво, хумано и грижливо општество во кое младите се информирани, слушнати и поддржани преку разбирање и прифаќање на родовата еднаквост која е основа за слободен израз и остварувањето на сечиј потенцијал, рече Драгана Каровска Чемерска од ХЕРА, која е и координаторка на проектот.

Сашо Димовски, директор на Народниот театар во Велес рече дека различностите се манифестираат во различни форми, но се интегрален дел на начинот на кој што функционира сложениот механизам на светот.

Светлана Здравковска, Проектен менаџер во Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ)  истакна дека активно работат на промовирање на родовата еднаквост како една од своите главни заложби. Се залагаме за инклузивно општество во кое граѓаните имаат еднакви права и можности да го остварат својот полн потенцијал.

-Сметаме дека е важно што овие културни настани создаваат простор за разговор со младите за оваа важна тема, бидејќи тие го носат потенцијалот за позитивни промени во рамки на своите заедници. Настаните вклучуваат изведби на современ танц, како и дискусии за родовата еднаквост адресирајќи го прашањето од различни перспективи. Веруваме дека културната сцена го овозможува тоа и може да биде двигател кон позитивни промени во насока на родова еднаквост, рече Здравсковска.

Настаните „Простор за разговор“ се во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Интерарт културниот центар, поддржани од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект  за социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан.

„Простор за разговор“ утре е на сцената во Битола, а на почетокот на јуни ќе се одржи во Охрид и Струга, информираат од тимот на ХЕРА. вг/бак/

Фото: ХЕРА

Остани поврзан