• среда, 13 ноември 2024

Просечната камата на кредитите во мај 5,09 проценти, на депозитите 1,22 проценти

Просечната камата на кредитите во мај 5,09 проценти, на депозитите 1,22 проценти

Скопје, 30 јуни 2023 (МИА) - Просечната каматна стапка на вкупните кредити во мај годинава бележи раст и изнесува 5,09 проценти, а на вкупните депозити 1,22 проценти, објави денеска Народната банка. 

Според НБ, просечната каматна стапка на вкупните кредити во мај година е со месечен и годишен раст од 0,01 п.п, односно 0,81 п.п. Кај вкупните депозити зголемувањето на просечната каматна стапка е 0,05 п.п на месечно, односно 0,55 на годишно ниво. 

Во мај годинава просечната каматна стапка на новоодобрените кредити изнесува 5,32 проценти и бележи месечно намалување од 0,12 п.п. На годишна основа, оваа каматна стапка е повисока за 1,35 п.п. Просечната каматна стапка пак на новопримените депозити забележа месечен пад од 0,30 п.п. и изнесува 1,93 проценти, додека на годишно ниво оствари раст од 1,17 п.п.

Во мај, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесува 4,81 проценти е зголемена за 0,02 п.п. во споредба со претходниот месец. Нагорната промена е резултат на растот на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,08 п.п. и 0,04 п.п., соодветно), додека каматните стапки на кредитите во странска валута бележат намалување (за 0,09 п.п.). На годишна основа, оваа каматна стапка е повисока за 1,38 п.п.

Централната банка регистрира дека просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата во мај забележала месечно намалување од 0,01 п.п. и изнесува 5,25 проценти. Како што објаснува НБ, надолната промена се должи на падот на каматните стапки на кредитите во странска валута и на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,28 п.п. и 0,12 п.п., соодветно), во услови на раст на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,23 п.п.).  Анализирано на годишно ниво, оваа каматна стапка е повисока за 0,72 п.п.

Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, пак, во мај изнесува 5,36 проценти и оствари месечен пад од 0,17 п.п. Притоа, промената произлегува од намалувањето на каматните стапки на кредитите во странска валута и на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,68 п.п. и 0,46 п.п., соодветно), во услови кога каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула бележат зголемување (за 0,16 п.п.).

Како што посочува НБ, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор забележа годишен раст од 1,90 процентни поени. 

Овој месец, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор изнесува 1,92 проценти, што претставува месечно зголемување од 0,10 п.п. Растот се должи на зголемувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,12 п.п. и 0,08 п.п., соодветно), како и на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,02 п.п.). Во споредба со мај 2022 година, оваа каматна стапка е зголемена за 1,05 п.п.

Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор во мај е пониска за 0,12 п.п. на месечна основа и изнесува 1,50 проценти. Од аспект на валутната структура, намалувањето е резултат на падот на каматните стапки на депозитите во странска валута и на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 1,58 п.п. и 0,08 п.п., соодветно), при остварен раст на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,58 п.п.). Каматната стапка на
новопримените депозити на корпоративниот сектор бележи годишен раст од 0,39 п.п. 

-Овој месец, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата се зголеми за 0,04 п.п. на месечна основа и изнесува 1,15 проценти. Притоа, растот произлегува од зголемувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута и на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,04 п.п., соодветно), додека каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула бележат минимален пад (за 0,01 п.п.). Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата забележа годишен раст од 0,49 п.п, информира НБ.

Нивните анализи покажуават дела каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата во мај бележи месечен пад од 0,16 п.п. и изнесува 2,18 проценти. Промената во целост произлегува од намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,38 п.п.), во услови кога каматните стапки на депозитите во странска валута остварија раст (за 0,16 п.п.). Овој месец, кај банките и штедилниците не се евидентирани новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Споредено на годишно ниво, оваа каматна стапка забележа зголемување од 1,56 п.п.лв/аа/

фото:НБ, принтскрин

Остани поврзан