• четврток, 26 декември 2024

Пронајден фрагмент од фреска со рака на светител при археолошките истражувања на локалитетот Градиште - Бислим

Пронајден фрагмент од фреска со рака на светител при археолошките истражувања на локалитетот Градиште - Бислим

Куманово, 9 ноември 2023 (МИА) - Фрагмент од фреска со рака на светител е пронајден при археолошките истражувања на локалитетот Градиште - Бислим во село Пчиња. Годинава се истражувал источниот дел од локалитетот кај откриената ранохристијанска црква. Како што наведува раководителот на ископувањето, археологот Дејан Ѓорѓиевски при истражувањето наишле на постари фрагменти од фреско декорација, со геометриска орнаментика, кои датираат од втора половина на 4 или почеток на 5 век.

 - Големо изненадување за нас беше тоа што, освен што откривме геометриски мотиви во сликарството на најстарата црква, откривме и фрагмент од фреска на кој има сочувано претстава на рака на светител. Иако, се работи за мал фрагмент, тој недвосмислено кажува дека во тој дел од црквата имало насликано фигура на светец. Фигуралните, односно човечките претстави во ранохристијанското сликарство се исклучително ретки. Кај нас, најсочувани такви претстави од овој период потекнуваат од крстилницата во Стоби, град кој бил еден од најважните и најголемите епископски центри во римска Македонија. Затоа, сознанието дека ранохристијанската црква откриена во село Пчиња била украсена со претстави на светители, односно човечки фигури, претставува огромно изненадување за научната јавност, пред сè, поради навидум тешкиот пристап на овој предел до главните патни комуникации (а со тоа и до цивилизациските текови), но и поради непостоење на вакви наоди во многу поголеми и позначајни ранохристијански црковни седишта во регионот и пошироко, вели Ѓорѓиевски.

Според него, пронајдениот престол во олтарот сугерира дека ова црква веројатно имала повисок статус од првичните претпоставки на почетокот од истражувањето.

Како што појаснува, фазите на нејзината обнова кои се видливи како од внатрешната и од надворешната страна на градбата, зборуваат за долг временски интервал на нејзино функционирање и користење. Проектот се одвиваше во две фази, подготовка на самиот локалитет и само ископување, објаснува директорката на НУ Музеј Куманово, Марија Миљуш Божурска.

 - Во олтарот беше пронајден е и престол кој асоцира дека црквата веројатно било позначајна од првичните претпоставки. Густата вегетација и огромното количество на камен во делот кој го истражуваа археолозите, ја условиле годинешната мала квадратура за истражување, која сепак ги даде очекуваните резултати. Археолозите работеа во и околу новооткриената ранохристијанска црква на источниот раб на локалитетот. Во црквата беа пронајдени четири последователни подни структури кои во текот на неколку векови ја покриле најстарата црква, истакна Ѓорѓиевски и додаде дека ѕидовите и подот на најстарата црква беа целосно откриени во источниот дел на јужниот кораб на базиликата.

Таму претходно била евидентирана конструкција во која биле депонирани (оставени) скршени стаклени ламби од црковниот полиелеј, датирани во 5-тиот век.

 - Истражувањата беа покриени преку годишната програма, финансирани од Министерството за култура. Планираме истражувањата и во овој и во локалитетот Градиште во Младо Нагоричане да продолжат и наредната година, аплицирани се во Министерството за култура и очекуваме да бидат одобрени повеќе средства за да продолжат археолозите со работа, изјави Миљуш Божурска.

Третиот проект на кој работата кумановските археолози е теренска евиденција за заштита на локалитетите, препознавање, утврдување на постоечките локалитетот во селата од коморскиот крај.

- Очекуваме при истражувањето на терен да дојдат и до нови локалитети кои не се познати и ќе бидат вметнати во археолошката карта, изјави Миљуш Божурска. ам/ сан/

 

Фото: МИА и НУ Музеј Куманово

Остани поврзан