• среда, 25 декември 2024

Пронајдена можеби најголемата масовна гробница во Европа

Пронајдена можеби најголемата масовна гробница во Европа

Нирнберг, 12 март 2024 (МИА) - Во јужна Германија, археолози откопаа скелети на 1.000 жртви на чума во неколку јами. Според наводите, ова е најголемата досега ископана масовна гробница во Европа.

Ископувањата, инаку извршени пред планирани градежни работи на Градот Нирнберг, открија осум јами, секоја исполнета со стотици скелети на возрасни, деца и бебиња од крајот на 15-от до почетокот на 17. век. Археолозите пронајдоа и парчиња од грнчарски садови и сребрени парички во две од трите јами каде што потфатот заврши. Радиојаглеродното датирање покажа дека ќерамиката се совпаѓа со чумата што се случила меѓу 1622. и 1634 година, додека монетите сае датирани околу 1619 година, соопшти компанијата за археолошки ископувања „Ин тера веритас“ (In Terra Veritas).

- Вакво откритие никогаш досега не се случило и, искрено, никој не мислеше дека тоа е можно. Наоѓалиштето е од огромно значење за градот Нирнберг. Нирнберг претрпел низа епидемии на чума меѓу 1533. и 1634 година коишто заедно ги однеле животите на приближно 30.000 луѓе... Додека телата се натрупувале, управителите наредиле мртвите да бидат закопани во масовни гробници пред дворовите на црквите во градот, изјави Мелани Лангбејн од Одделот за наследство на Нирнберг.

Луѓето закопани според средновековните христијански традиции, биле положени со главите свртени кон запад и нозете свртени кон исток - „за да го видат Христос како доаѓа од исток во времето на пропаста“, се вели. Новите ископувања, од друга страна, открија скелети распоредени во седечка положба, свртени во различни насоки и наредени еден врз друг за да го пополнат секој дел од расположливиот простор.

Досега само три од осумте јами се целосно истражени. Во една од нив има 280 тела, во друга - 150 тела, но дури и таа бројка е неизвесна поради експлозијата на бомба во близина, фрлена во Втората светска војна којашто разнесла некои од скелетите во 1943 година. Флоријан Мелцер, антрополог во „Ин тера веритас“, вели дека археолошките потфати продолжуваат.

- Скелетите се во многу добра состојба за испитување, и покрај уништувањето што им се случило. Сега може подробно да ги прикажеме сите податоци што ни ги нудат овие коски, на пр. - преваленцата на различни видови рак, генетските мутации што се појавуваат во черепот, утврдувањето на возраста и полот, забниот статус и заклучоците од сè тоа за општото здравје и животните околности во она време, изјави Мелцер

Археолозите извадија вкупно 1.000 тела од земјиштето, но се очекува тој број да надмине 1.500 починати наредниве недели, бидејќи ископувањата продолжуваат.  си/сд/

Фото: „Ин тера веритас“

Остани поврзан