• четврток, 26 декември 2024

Промоција на учебник по Детска стоматологија

Промоција на учебник по Детска стоматологија
Скопје, 13 септември 2022 (МИА) - Првиот сеопфатен учебник по детска стоматологија кај нас – Детска стоматологија од група автори, ќе биде промовиран денеска во амфитеатарот на Стоматолошки факултет во Скопје. На промоцијата ќе се обратат проф. д-р Ќиро Ивановски, декан на Стоматолошкиот факултет, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска уредничката и една од авторите на книгата, проф. д-р Џон Николсон еден од авторите и Бранка Бугариска директорка на издаваштво во „Арс Ламина“ во чие издание е оваа публикација. Публикацијата е сублимат на долгогодишна работа и искуство во работа со децата во стоматолошка ординација, но и пресек на најсвежите сознанија во научната мисла од оваа област. -Книгата е наменета е, пред сè, за студентите на додипломски студии за доктори по дентална медицина, но и стручните стоматолошки сестри и техничари, студентите на втор и трет циклус на постдипломски студии, специјализантите и специјалистите по детска и превентивна стоматологија и преостанатите специјалности, како и за сите колеги кои сакаат да ги дополнат и да ги освежат знаењата од областа на детската стоматологија, наведуваат од Стоматолошки факултет. Покрај проф. д-р Ѓоргиевска, автори на содржината се реномирани професори и стручни лица од областа на детската стоматологија: Марија Стевановиќ, Мира Јанкуловска, Џон Николсон, Ана Сотировска-Ивковска, Златко Георгиев, Дејан Марковиќ, Александар Димков, Мери Павлевска, Алберто Бенедети, Драгана Габриќ, Марко Вулетиќ, Бернард Јанковиќ, Ефка Жабокова-Билбилова, Тамара Периќ, Бојан Петровиќ, Весна Амбаркова, Олга Кокочева-Ивановска и Јасна Симоноска. Ракописот, како што посочува издавачот, е систематизиран во 37 поглавја, кои се приказ на клучните проблематики со кои се занимава детската стоматологија, почнувајќи од растот и развојот на орофацијалната регија и одонтогенезата; приемот, прегледот и контролата на болката кај педијатрискиот пациент во стоматолошката ординација; преку неправилностите во развитокот на забите, денталниот кариес и заболувањата на пулпата и пародонталните ткива кај млечните, младите трајни и трајните заби и нивна терапија. Разработени се современите материјали што се користат во детската стоматологија, со посебен осврт на естетиката во детска возраст и употребата на ласерите во детската стоматологија. Посебно се опишани заболувањата на меките ткива во оралната празнина кај децата, оралните манифестации на инфективни и системски заболувања. Значајно место, се посочува, е посветено и на повредите на забите кај деца (фрактурите и повредите на потпорните ткива) и нивните компликации. Даден е осврт на орално-хируршката проблематика кај деца, како и дентогените инфекции, примената на антибиотици, туморите и цистите, но и ургентните состојби. На крајот, даден е преглед на можностите за изработка на протетски надоместоци во млечната и трајната дентиција и опциите за користење на интерцептивната ортодонција. вг/са/    

Остани поврзан