• среда, 27 ноември 2024

Промоција на романот „Светот што го избрав“ од Калина Малеска

Промоција на романот „Светот што го избрав“ од Калина Малеска

Скопје, 2 април 2024 (МИА) - Во кафе книжарницата „Буква“ вечер ќе биде промовиран новиот роман од Калина Малеска „Светот што го избрав“. Романот е објавен како 227 книга во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или.

Промоцијата ќе се одвива низ разговор на Малеска со Илина Јакимовска, редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија.

 „Светот што го избрав“ е приказна за трансформацијата на Леона, чие чувство за себе и сопствениот идентитет се менува низ контактот со луѓето и просторите: подрумот во кој се вселува, состанарите и околниот двор, членовите на одборот за наставни програми, канцеларијата за состаноци, барот. На почетокот од романот протагонистката, по дваесет години живот со своето семејство, се соочува со нова ситуација, без стан, без работа, без пари, со привремен ангажман. Новите околности и луѓето што ги запознава кај неа поттикнуваат сеќавања, интроспекција, анализа на своите и на туѓите постапки, изнаоѓање на причините зад нив. Доминантна карактеристика на романот е, како што вели Никола Гелевски, „заузданата хетерогеност во најширока смисла (што е романот како жанр): различни генерации, класи, родови тензии, попречености, одлично пренесен детски поглед – Вера е еден од најдобро направените ликови. Се забележува веродостојност, ангажираност, прецизна ситуираност, неореализам (сцената со децата на кои таткото им забранува да си играат кај Леона). Се чувствува љубов и емпатија кон луѓето, но и критичност“. На хетерогеноста се осврнува и Оливера Ќорвезироска, според која „убав е миксот на интересите и ликовите, на надворешното (комисијата) и внатрешното (женската потреба од љубов изразена на многу впечатлив, невообичаен и автентичен начин)“, а комплексноста на романот се огледа и во присуството на „филозофските наслаги, етичките размисли, есеизираноста во една необична форма“.

Калина Малеска е авторка на три збирки раскази: Недоразбирања (Македонска книга 1998), Именување на инсектот (Слово 2008), Мојот непријател Итар Пејо (Или-Или 2016) и Скопје во високата зона (Или-Или 2021), романите Бруно и боите (Слово 2006) и Призраци со срмени нишки (Слово 2014), драмата Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија (Слово 2010), книгите за деца Арно ама (Или-Или 2018) и Вонземјанинот Лу-Ру-Су (Или-Или 2021), книжевните студии Облици на моќ во современата книжевност (Или-Или 2020) и Визија, трансформација: Утопии, дистопии и други замислени светови (Филолошки факултет „Блаже Конески“ 2023), како и уредник и коавтор на студијата Кон-текстот: дигитални осврти (самостојно издание 2023).

Малеска е професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија. Се занимава и со книжевни преводи, а некои од делата што ги превела се: Тристрам Шенди од Лоренс Стерн, раскази од Амброуз Бирс, Волшебникот од Оз од Л. Френк Баум, Мали нешта како овие од Клер Киган. мч/aa/

фото: Или-Или

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан