• среда, 25 декември 2024

Промоција на публикација и истражување за субкултурата во Скопје

Промоција на публикација и истражување за субкултурата во Скопје
Скопје, 8 октомври 2022 (МИА) - Во организација на Одделението за едукација на Манифеста 14 денеска ќе се одржи промоцијата на публикацијата „Мапирање на супкултурите“, која помогна да се расветли природата на супкултурните движења во Приштина, Скопје и Тирана. Автори на истражувањето во Скопје се Артан Садику и Ѓорѓе Јовановиќ, а е спроведено во рамки на 14- тото издание на Манифеста биенале во партнерство со „Термокис“ од Приштина. Во рамки на овој настан ќе биде прикажан документарниот филм „Скопје: Вовед во движење одоздола“, а концерти во живо ќе одржат Марија Каева и 40ес дена. Од Одделението за едукација на Манифеста 14 информираат дека за да се реализира ова истражување, неопходно било да се разбере поширокиот социо-политички контекст во регионот после 90-те години, период на големи културолошки и економски транзиции во Скопје, Приштина и Тирана, период на големи надежи, но и разочарувања. Супкултурните движења во овие три града беа анализирани првенствено преку истражување на независните простори и луѓето што ги придвижуваа алтернативните визии за културата и неформалното образование во 90-те, 2000-те и 2010-те години. Посочуваат дека ова истражување нема за цел само да даде преглед на независната културна сцена во овие градови, туку да ги инспирира младите да се осврнат назад кон историите, практиките и процесите на современата култура и организациите во заедницата. Во Приштина истражувањето беше фокусирано на почетокот на 2000-те, повоениот период кога импровизирани културни центри организираа спорадични настани, изложби и фестивали, а сето ова, вклучувајќи го и одржувањето на Манифеста 14 во Приштина, го туркаа млади луѓе кои ги поминаа турбулентните 90-ти години. Тоа беше период на неинституционална културна продукција што почна веднаш по воените настани во Косово, во барови, кафулиња и други простори, која се’ уште не е соодветно документирана. Во Тирана временската рамка беше поширока, делумно затоа што немаше претходни истражувања на супкултурните движења во градот. Тимот во Тирана се фокусираше на три супкултурни движења што се појавија меѓу 90-те и 2010-те години и го следеше менувањето на фокусот – од рок музиката и поезијата, кои беа во центарот на автономниот културен свет на крајот на 20. век, преку феминистички, активистички и артивистички иницијативи што ја дефинираат сцената во поново време. Сепак, и покрај нивниот фокус, сите анализирани движења често беа номадски и непредвидливи, со привремен престој во различни простори. Во Скопје истражувачкиот тим анализираше супкултурни движења во два периоди: движења, групи и манифестации што се случуваа во социјалистичкиот период, кои обично се фокусираа на слободата на изразување и иницијативи што се појавија при обновата на капитализмот и повторната традиционализација на балканските општества во 2000 и 2010-те години. Истражувањето се фокусираше на разбирање на предусловите што ги создадоа неинституционалните, не-мејнстрим културни движења, како и нивното влијание. „Истражувачкиот процес во сите три градови опфаќаше подготвителна архивска работа, како и огромен број на интервјуа, кои потоа прераснаа во јавни настани и објавување на списание. Сакаме искрено да се заблагодариме на тимот истражувачи во Приштина, Тирана и Скопје, како и на Истражувачкиот клуб и тимот на „Термокис“, кои учествуваа во оваа публикација“, велат авторите.фф/лв/

Остани поврзан