• понеделник, 23 декември 2024

Промоција на новото Културно уметничко друштво „Шара“ во Тетово

Промоција на новото Културно уметничко друштво „Шара“ во Тетово

Тетово, 15 ноември 2023 (МИА) - Во Тетово е формирано ново Културно уметничко друштво „Шара“ кое вечерва свечено беше промовирано во нивните исто така нови простории во Тетово. При тоа беше претставената нивната идеја и мисија за работа на ова најново друштво кое ќе го негува фолклорот.

Промоторката Милена Илиевска во пригодното обраќање образложи дека името на друштвото е дадено по китната Шар Планина, која е опеана во многу песни. Воедно, како што Шара колоритна и секогаш различна, така и тие како културно уметничко здружение отвораат нови порти на традицијата.

- Фолклорот во западна Македонија е љубоморно чуван низ вековите, како чеизите на нашите баби и прабаби во нивните невестински ковчези. Фолклорот е една обединувачка нишка на минатото, сегашноста и иднината. Тетово е град со богата културна традиција, а кога станува збор за фолклорот, тука се познатите тетовски староградски песни, гласоечкото пеење, ората, носиите, приказните и легендите. КУД „Шара“ за своја мисија ги има: чувањето и негувањето на фолклорот на овие простори, поттикнување на интерес кај идните генерации да станат чувари и пренесувачи на традицијата, афирмирање на културата и поттикнување на зголемена свест за културните вредности. Но, да не заборавиме, низ песна и игра се градат најубавите културни мостови. Па така КУД „Шара“ ќе се потруди максимално да создаде подобар интеркултурен дијалог, рече Илиевска.

Во КУД „Шара“ веќе членуваат 40-тина млади лица кои имаат искуство во други фолклорни друштва или здруженија. Новото културно уметничко друштво ќе има фолклорна група и пејачка секција. Новина е што се планираат одржување на креативни работилници за плетење, везење и шиење.

-Имаме уште една мисија: да ги вклучиме лицата со попреченост во нашиот круг на делување. Па така, дојдовме до идејата за креативна работилница за лица со попреченост. Пред нас се отвора едно ново поглавје - да твориме, да го искористиме искуството на повозрасните генерации и полетноста на младите што допрва доаѓаат за да направиме многу повеќе. Во план ни е и организирање на детски фолклорен фестивал, но и фестивал за ветераните во фолклорните групи. Посакуваме да оствариме соработка со културни здруженија ширум Македонија и надвор од неа. Вечерва со отворањето на ова здружение, ние ќе понудиме на нашата публика еден поинаков, поблизок пристап кон традицијата. Ако не ја негуваме, ние ќе заборавиме кои сме. Таа не обединува, не прави горди на тоа од каде сме, кои сме и што оставаме на нашите потомци, истакна Илиевска.

На промоцијата присуствуваа голем број луѓе, а меѓу нив и претставници на други здруженија од областа на културата.

-Вашето присуство вечерва и поддршка многу ни значи посебно што пред нас постои голем пат. Ќе се потрудиме да ги исполниме очекувањата и ќе бидеме достојни претставници на фолклорното богатство на ова подрачје, порача претседателката на КУД „Шара“ Нада Симовска.

Просториите на КУД „Шара“ се на улицата „29 Ноември“, а таму ќе се одржуваат пробите и активностите.ас/вј/

Фото: МИА 

Остани поврзан