• недела, 24 ноември 2024

Промоција на „Ковчеже со книжни бисери“ од Милован Стефановски

Промоција на „Ковчеже со книжни бисери“ од Милован Стефановски

Скопје, 19 април 2023 (МИА) - Во Градската библиотека „Браќа Милдиновци“ во Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Ковчеже со книжни бисери“ од Милован Стефановски. Збирката содржи мудри мисли од сто современи македонски писатели или од вкупно триста книжевни дела. 

-Основната идеја на книгата е на читателите да им се понуди екстракт од продуховената и чиста мисла забележана од перото на нашите мајстори на пишаниот збор. Не станува збор за антологија на мудри мисли од македонските автори, туку за субјективен избор направен од страна на нивни колега,  подвлекува Стефановски.

Најстариот застапен писател во книгата е Васил Иљоски (роден 1902 година), а најмладиот е Давор Стојановски (1987 година). Иако меѓу годините на раѓање на класикот на македонското драмско творештво и на талентираниот млад романсиер има импозантен период од осум и пол децении, нивните животи во осум години се поклопуваат. Според поетот Михаил Ренџов, сите што живееле или живеат во исто време, независно од возраста, може да се каже дека се една генерација.

- Оттука и поднасловот на овој избор во кој одредницата современи може да асоцира и на една генерациска припадност во поширока смисла на зборот, вели авторот Стефановски.

Мирослав Георгиевски-Миро изработи  сто портрети на застапените автори.

Книгата „Ковчеже со книжни бисери“ (издание на Ад вербум)  на промоцијата ќе ја претстават авторите Бранко Цветковски и Живко Андревски, а извадоци ќе читаат актерите Андреј Серафимовски и Ива Милчова. цр/хс/

Фото: ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје

Остани поврзан