• петок, 27 декември 2024

Промоција на книгата „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли

Промоција на книгата „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли

Скопје, 19 септември 2021 (МИА) - Во рамки на фестивалот „ArtArea“ вечерва ќе биде промовирана книгата „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли, во издание на „Бегемот“.

Книгата ќе ја претстави Јован Битољану, соосновач на стрип книжарницата „Бункер“, а разговор со авторот и со присутните ќе води ликовниот уметник и стрип-автор Ѓорѓе Јовановиќ, воедно и автор на атрактивната корица на книгата. Оваа комплетна студија посветена на стрипот е финансирано од Министерство за култура во рамки на издавачката програма за оваа година.

Тоа е труд од капитално значење како за домашната, така и за стрип културата воопшто; книга што, покрај разгледи за естетиката и за медиумските функции на стрипот, ја содржи речиси деветдецениската авторска хроника на македонскиот стрип, претставена низ четирите заокружени и петтата, штотуку навестена етапа на неговиот историски развој. Таа историска хроника - започната во двете претходни изданија на 20 страници - во новата книга Томислав Османли ја осветлува на 100 страници, низ детелизирани стручни и креативни биографии на генерации од многубројни стрип творци (илустратори, сценаристи, публицисти) кои  создавале порано, како и оние бројни автори кои денес создаваат стрип творби.
Поговорот за книгата насловен „Импресивна студија за уметноста на стрипот“ го напишал стрип авторот, истражувач и историчар на стрипот Александар Стеванов, автор на неколку книги за стрипот, на наградени стрип сценарија и на бројни објави посветени на македонскиот стрип. На корицата од новата книга објавен е следниот фрагмент од неговиот текст.
- Во 'Стрип – деветтата уметност', како што загатнува насловот, Османли хируршки прецизно ја обработува стриповската полисемичност, внимателно анализирајќи го неговиот јазик и законитостите што го прават стрипот засебна уметност, и темелно истражува низ неговото минато доловувајќи дел од најбитните дела од деветтата уметност. Наспроти општото непрецизно мнение за стрипот како ништо повеќе од жанровска определба, засилено од холивудскиот тренд за филмување американски стриповски суперхерои, Османли одговара со пробивање на жанровските и тематски стеги и оди отаде стилските лимитации. И, водејќи се од мислата на стрип класикот Берн Хогарт за тоа дека „стрипот не треба да се бори да стане уметност, зашто тој веќе е тоа, но треба да се бори за неговото рамноправно место меѓу другите уметности“, Османли ѝ пристапува на оваа уметност како на (вистинска) уметност – академски, со сериозна посветеност и задлабочено. (...), вели Стеванов во фрагмент од текстот.
Студијата „Стрип - деветтата уметност“ со поднаслов „Запис со човечки лик/Антропоморфизмот на стрипот“ и има седум, колку теоретски задлабочени, толку и вонредно информативни поглавја, проследени со голем број прилози: илустрации, фрагменти и стрип-табли од домашни и од светски, помалку или многу познати, стрип творби;  факти и податоци; детална листа на стрип изложби и настани, како и комплетна листа на објави од и за наши автори во доменот на деветтата уметност... фф/нд/

Остани поврзан