• среда, 18 декември 2024

Промоција на книгата „Прес енд плеј“ на Ненад Георгиевски

Промоција на книгата „Прес енд плеј“ на Ненад Георгиевски

Скопје, 25 ноември 2024 (МИА) - Во просториите на Аудиокултура во Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Прес енд плеј“ (Press & Play) на новинарот Ненад Георгиевски. Книгата ја претставува македонската музичка сцена преку серија рецензии и текстови напишани во период од дваесет години, за странски публикации, како „All About Jazz“ и „Vintage Cafe“.

Таа е збирка од авторски текстови кои даваат детален увид во креативните активности на македонските музичари и нивните дела. Книгата за првпат беше објавена во јули 2020 и ова е второ, надополнето издание.

Како што се наведува во соопштението за промоцијата, самата книга е калеидоскоп од луѓе чии таленти, идеи и дела оставиле свој белег во државата и надвор од неа. Овие содржини ги испитуваат нивните амбиции и достигнувања, почнувајќи од инспирацијата со која создавале, оригиналноста, искуствата, начинот на работење, па сè до избраните решенија како илустрации, дизајн, визуелизации.

Публикацијата се состои од рецензии на албуми, на концерти и на фестивалски настапи на изведувачи, меѓу кои Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Националниот џез-оркестар, Џон Апелгрен, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија Саунд Систем“, „Проект Жлуст“, Сашо Поповски и Стринг Форсис, Љубојна и многу други, потоа на фестивали како Скопскиот џез-фестивал, „Офф-фест“ или на концерти на македонски изведувачи во држави како Србија, Хрватска, Грција, САД. Потоа, тука се критички осврти за видеоизданија, како и за книги од визуелните уметности, како „Џезтетика“ на Татјана Ранташа или „Cloud Arrangers“ на Жига Коритник.

„Press and Play“ ја прикажува македонската музичка сцена како уникатен спој од традиционални и современи елементи, културни влијанија и иновации.

Преку рецензиите и текстовите, читателот добива увид во богатството и шаренилото на музичката култура во Македонија, како и во специфичните стилови и звуци кои ги прават македонските музичари препознатливи на глобално ниво. Со своите содржини, книгата претставува единствен извор на информации за македонската музичка култура, напишани на англиски јазик и платформа достапна за милиони читатели.

Книгата е дело на новинарот Ненад Георгиевски, кој е добитник на наградата за публицистика за 2023 г. „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и е автор на уште четири книги од областа на публицистиката - „Музика и муабети“, „Уште музика и муабети“, и „Ретки птици“. Издавач на книгата е „Номад-Арт“ - Скопје, а идејното решение е на Билјана Билбилоска.бт/лв/

Фото: корица, „Прес енд плеј“

Остани поврзан