• петок, 27 декември 2024

Промоција на книгата „Поглед отстрана, Рацин (1908-1943)“ од Горан Калоѓера

Промоција на книгата „Поглед отстрана, Рацин (1908-1943)“ од Горан Калоѓера

Скопје, 25 ноември 2024 (МИА) - Книгата „Поглед отстрана, Рацин (1908-1943)“ од Горан Калоѓера ќе биде промовирана вечерва со почеток од 19 часот во Културно-информативниот центар - Скопје. Ова е втора книга на Калоѓера за Коста Солев Рацин, првата е напишана на почетокот на неговата научничка дејност.

Датумот на промоцијата се совпаѓа со денот на излегување од печат на првото издание на книгата на Кочо Рацин - „Бели мугри“, односно со 85-годишнината од објавата на оваа знаменита книга за современата македонска литература - на 25 ноември 1939 година, во Самобор, Хрватска.

- Како што пишува авторот во воведот на книгата, Рацин е неговиот научен предизвик за кого, уште како млад научник, се обидел детално да го реконструира престојот во Хрватска и неговите дружења со истакнати антифашисти, писатели, уметници и политички другари. Во воведниот дел, проф. д-р Горан Калоѓера пишува за Рацин како интелектуалец, поет, романсиер, публицист, критичар, полемичар, собирач на усно народно творештво, односно за неговата биографија, за неговото место и поврзаност со хрватската култура и со Хрватска воопшто. Главниот дел од книгата е анализа на публицистичкиот опус на Рацин, неговата проза, поезијата - песни на хрватски/српскохрватски јазик, култната книга „Бели мугри“, песните на Рацин надвор од збирки и поетски циклуси, како и збирката народни песни што ја подготвил Рацин пред неговата смрт во 1943 година. На крајот од книгата, авторот дава заклучен осврт, се наведува во соопштението.

Калоѓера за Рацин пишува дека „ретко кој македонски поет привлекол толку внимание кај теоретичарите, книжевните историчари и филолозите како Рацин“.

- Рацин беше карпа, брана, првоборец во уметничкиот израз на мајчиниот јазик, потпора и надеж за многумина, пример за идеален револуционер и на крајот жртва. Беше човек визија, предвидел многу историски настани, кои за жал се обвистинија. Тој беше најчесното и најчеститото нешто што го имаа Македонците во периодот меѓу двете војни, пишува тој.

Калоѓера е роден во Дубровник во 1951 година. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите, надворешен член на Друштвото на писателите на Македонија и почесен доктор (doctor honoris causa) на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. На Универзитетот во Риека ги извршувал функциите декан на Педагошкиот и на Филозофскиот факултет и проректор за настава и меѓународна соработка. Во периодот од 1980 до 1990 година бил прв предавач на курсевите по македонска книжевност и македонски јазик на Педагошкиот факултет во Риека. Основач е и раководител на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека. По професија е дипломиран кроатист (јужносла­вист) и компаративист. Докторирал на тема македонско-хрватски и хрватско-македонски книжевни врски и допири на Педагошкиот факултет во Риека, се додава во соопштението.

Од Културно информативниот центар - Скопје посочуваат дека Калоѓера е „докажан пријател на Македонија и голем поборник на научната вистина за Македонија, а како научник, славист и македонист ужива висок углед како во Хрватска, така и во Македонија.

Тој е меѓу најистакнатите македонисти во Хрватска и на Балканот. Објавил триесет и две книги на книжевно-историски теми, како и стотина научни и стручни трудови од областа на јужнословенската компаратистика. Од неговите македо­нистички трудови значајни се: „Јужнословенски кни­жевни проткајувања“ (1991), „Хрватско-македонски кни­жев­ни врски“ (1988), „Рацин во Хрватска“ (2000), „Компа­ра­тивни македонско-хрватски студии“ (2000), „Препозна­вања“ (2004), „Браќата Миладиновци – легенда и ствар­ност“ (2001), „Компаративни македонско-хрватски студии“ (2000), „Препознавања“ (2007), „Прилози за истражува­њето на македонската книжевна историја“ (2009), „Маке­донскиот 19 век“ (2011), „Македонско-хрватски врски“ (2006), „Македонски теми без дилеми“ (2014), „Македон­ците во Приморско-горската жупанија“ (2016), „Македон­ски пријателства“ (2019). За неговиот придонес во афирма­цијата на македонската литература, култура и јазик добил повеќе македонски награди, меѓу кои Орден за заслуги за Македонија, почесно Рациново признание за 2005 година, медал „Свети Климент“, почесен докторат (doctor honoris causa) на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Кало­ѓера извесен период ја извршуваше функцијата почесен конзул на Република Македонија во Република Хрватска. По пензионирањето, е прогласен за професор емеритус на Универзитетот во Риека, се додава во соопштението. бд/бак/

Фото: Културно информативен центар - Скопје

Остани поврзан