• сабота, 23 ноември 2024

Промоција на книгата „Видеологија“ од Златко Ѓелески

Промоција на книгата „Видеологија“ од Златко Ѓелески
Скопје, 29 јуни 2021 (МИА) - Збирката филмски рецензии и есеи „Видеологија“ од Златко Ѓелески, издание на ПНВ Публикации од Скопје, вечер ќе биде промовирана на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје. Книгата ќе биде претставена низ разговор со авторот, а разговорот ќе го води Јулијана Величковска, главен уредник и основач на ПНВ Публикации. Промоцијата на книгата ќе се одржи на отворено, почитувајќи ги препораките за заштита од коронавирусот. Како што соопшти издавачот, „Видеологија“ претставува збир филмски рецензии и есеи за филмовите што се појавија и во домашната продукција и во светски рамки во 2019 и во 2020 година. Книгата е поделена на два дела, од кои првиот дел содржи анализа на долгите и на кратките играни и документарни филмови што беа продуцирани и снимени во нашата земја, а вториот дел од книгата содржи избор на дваесетте најквалитетни долги играни и документарни филмови што се појавија во 2019 и во 2020 година во светски рамки. -Оваа книга е наменета да претставува еден вид огледало и на домашната и на светската филмска сцена, да се воочат начелата според кои е препознаен стилскиот израз на домашните филмски автори, наспроти визуелниот маниризам на реномираните светски филмски автори и младите гласови што пирово се пробиваат во рамките на квантитативната понуда на филмски дела. Оваа книгана читателот му ги доближува значајните актуелни остварувања, со тенденција да прерасне во книжевен серијал, со цел објективно да ги истакне високите естетски вредности на модерниот филм, информира ПНВ Публикации. Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар, роден во 1986 година во Битола. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со филмска критика од 2008 година, како уредник и издавач на списанието „Кошмар“. Тој има објавено три збирки раскази: „Морбидизам“ (Самиздат, 2013), „Колекционерот на страв“ (Литиум Рекордс, 2015) и „Понор“ (Бегемот, 2019), а неговите раскази редовно се преведуваат и се објавуваат на српски јазик, во неколку балкански антологии. Расказите му се наградени и на неколку натпреварувачки конкурси во државата. мд/са/

Остани поврзан