• среда, 18 декември 2024

Промоција на истражувањето „Ставови, вредности, и практики на граѓанките и граѓаните за политичкото учество и хомосексуалноста“

Промоција на истражувањето „Ставови, вредности, и практики на граѓанките и граѓаните за политичкото учество и хомосексуалноста“

Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Во организација на Коалиција МАРГИНИ денеска ќе биде промовирана публикацијата и истражувањето со наслов „Отворено скриени опресии: ставови, вредности, и практики на граѓанките и граѓаните за политичкото учество и хомосексуалноста“, поддржано од фондацијата Хајнрик Бел Штифтунг. 

Како што информираат од Коалиција МАРГИНИ, во оваа студија обработуваат теми поврзани со политичкото учество низ родова перспектива, како и ставовите кон хомосексуалноста на граѓанките и граѓаните на Република Северна Македонија.

-За тоа користиме податоци од Европското општествено истражување, голема компаративна анкета која првпат беше спроведена во Република Северна Македонија во 2021 – 2022 година. Преку неа имавме пристап до широка база на податоци за ставовите на испитаниците за различни општествени прашања, општествени групи и вредности, како и перцепции и оценки за сопствената состојба, што овозможува да ја испитуваме нивната меѓузависност. Анализата на повеќе видови фактори и ситуациски услови во кои се наоѓаат граѓанките и граѓаните треба да даде насоки за тоа каде е коренот на овие раширени предрасуди меѓу населението, велат авторите на студијата.

Посочуваат дека студијата опфаќа четири анализи и истражувачки текста во авторство на проф. д-р Анета Цекиќ, асистент професор д-р Јован Близнаковски, д-р Ирена Цветковиќ, и д-р Билјана Котевска.

-Авторите на студијата во своите анализи: детално ги истражуваат хомофобичните ставови на испитаниците, тестирајќи го истовремено и првпат значењето на повеќе демографски, социо-економски и ситуациски фактори, како и фактори поврзани со човечките вредности; се фокусираат детално на значењето на човечките вредности за формирањето на хомофобичните ставови, и нивната поврзаност со актуелните антиродови и популистички движења; ги разгледуваат разликите во политичкото учество меѓу жените и мажите, низ анализа на повеќе форми на политичко учество, и нудат подлабока анализа на тоа што ја одредува увереноста на жените во нивната способност да учествуваат поактивно во политичките процеси; и го анализираат влијанието на животнaтa доба и одредени лични карактеристики врз политичката активност кај жените и мажите.фф/мд/

Фото: Коалиција МАРГИНИ

 

Остани поврзан