• петок, 20 декември 2024

Промоција на збирката раскази „Скопје во високата зона“ од Калина Малеска

Промоција на збирката раскази „Скопје во високата зона“ од Калина Малеска
Скопје, 13 април 2022 (МИА) - Збирката раскази „Скопје во високата зона“ од Калина Малеска ќе биде промовирана вечерва во кафе книжарницата „Буква“. Книгата низ разговор со авторката ќе ја претстави Лидија Капушевска-Дракулевска. „Скопје во високата зона“ се состои од раскази кои, низ четири циклуси, сосредоточени на различни визии што временски и просторно се шират во и околу Скопје, истражуваат различни потенцијални начини на постоење и доживување на искуствата, како можност за трансформирање на постоечките перспективи и светогледи. Разнородни по структурата и наративните методи, расказите содржат утописки, дистописки елементи, реинтерпретација на постоечки бајки, лични доживувања, како и слики на специфични моменти од животот. Според промоторот Капушевска-Дракулевска, читателот посакува да се нурне во кујната на Калина и да ја пронајде онаа суштествена состојка која го дава неодолливиот вкус на збирката. - Нејзиниот несомнен урбан сензибилитет, шармантните лингвистички игри и инвентивните раскажувачки експерименти, непретенциозната и спонтана нарација која ги проникнува реалното и фиктивното, постапката на „очуднување“ на стварноста, критичката визура на некои актуелни „теми и дилеми“, вели Капушевска-Дракулевска. Калина Малеска е авторка на три збирки раскази: „Недоразбирања“, „Именување на инсектот“ и „Мојот непријател Итар Пејо“, романите „Бруно и боите“ и „Призраци со срмени нишки“, драмата „Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија“, книгата за деца „Арно ама“и книжевната студија „Облици на моќ во современата книжевност“. Малеска е професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија. Се занимава и со книжевни преводи, а некои од делата што ги превела се „Тристрам Шенди“ од Лоренс Стерн, „Раскази“ од  Амброуз Бирс и „Волшебникот од Оз“ од Л. Френк Баум. Збирката „Скопје во високата зона“ е во издание на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ во рамки на популарната едиција ПРОаЗА. ијд/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан