• сабота, 23 ноември 2024

Промоција на двотомната книга „За македонистиката отворено“ на Свето Стаменов и Димитар Пандев

Промоција на двотомната книга „За македонистиката отворено“ на Свето Стаменов и Димитар Пандев

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Во рамки на одбележувањето на 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, денеска во Општина Охрид ќе биде промовирана двотомната книга „За македонистиката отворено“, (второ издание на „За македонистиката отворено“ - I книга и „За македонистиката отворено“ - II книга) на Свето Стаменов и проф. д-р Димитар Пандев.

Стаменов е политиколог, новинар и еден од најплодните македонски публицисти, а Пандев е редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје и еден од најзначајните македонски лингвисти, слависти и македонисти. Ова двотомно дело е дел од издавачката продукција на Општина Охрид за 2024 година. 

Како што информираат авторите, „За македонистиката отворено“ - I книга, чие прво издание беше промовирано во рамки на свеченостите со кои Општина Охрид минатата година го одбележа 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба, содржи 21 радио-разговор емитуван во периодот од 19 ноември 2016 година до 14 февруари 2022 година во авторскиот  проект „Quo vadis“ и во редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио – Радио Скопје. Во неа, на 360 страници се „распослани“ радио-разговори за Крсте Мисирков (посветени на 90 и 95-годишнината од неговата смрт), за свети Климент Охридски (по повод 1100-годишнината од неговото упокојување), за Блаже Конески (по повод 100-годишнината од неговото раѓање), за Григор Прличев, за „Бели мугри“ на Кочо Рацин, за големите македонистички јубилеи, за најновото издание на Правописот на македонскиот јазик, за Законот за јазиците, за најновата бугарска антимакедонска кампања која го негира постоењето на македонскиот јазик, како и за предизвиците пред кои се исправени нашиот македонски јазик и македонистиката воопшто.

„За македонистиката отворено“ - II книга, пак, на 480 страници содржи 28 радио-разговори емитувани во периодот од 4 мај 2022 до 6 април 2024 година во редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио - Радио Скопје, првенствено посветени на одбележувањето на значајни годишнини од македонската културна и сеопшта историја. Тоа се: 150-годишнината од раѓањето на аспостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев; 130-годишнината од смртта на најзначајниот македонски поет во XIX век Григор Прличев; 120-годишнината од објавувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, на која ѝ е посветен мини-серијал од пет интервјуа; 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, несомнено еден од најзначајните македонски поети; 100-годишнината од смртта на Ватрослав Јагиќ, еден од најпознатите светски лингвисти и слависти; 80-годишнината од загинувањето на основоположникот на современата македонска литература Кочо Рацин; 80-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, на кое беше донесено решение за прогласување на македонскиот јазик за службен јазик во новата македонска држава, како и 75-годишнината од формирањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Во книгата се застапени и радио-разговорите посветени на најновите дела на проф. д-р Димитар Пандев: „Историски портрет на македонскиот јазик (мини-серијал од три интервјуа), „Писателот во функција на јазикот“, „Книга за светите браќа Климент и Наум“ и „Охридски поети“ (во коавторство со Славе Ѓорѓо Димоски).

 „За македонистиката отворено“ ќе ја промовира доц. д-р Бобан Карапејовски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески од Скопје, кој заедно со проф. д-р Цане Т. Мојаноски, проф. д-р Трајан Гоцевски и проф. д-р Милан Јазбец е и рецензент на ова најново двотомно дело на Свето Стаменов и проф. д-р Димитар Пандев. мд/вг/

Фото: Автори 

Остани поврзан