• вторник, 17 март 2026

Промоција на „Баба Илка“, нов роман на Жан Илиески

Промоција на „Баба Илка“, нов роман на Жан Илиески

Скопје, 17 март 2026 (МИА) - Новиот роман на Жан Илиески, „Баба Илка“ ќе биде промовиран вечер со почеток во 19 часот во „Салон 19-19“ во Културно-информативниот центар во Скопје.

Издавачот „Макавеј“ информираше дека делото претставува емотивно патување низ ходниците на сеќавањето, каде што детската љубопитност се среќава со суровата реалност на животот.

- Низ призмата на три летни распусти на едно седумгодишно момче и неговата сестра кај нивната баба во Прилеп, авторот Жан Илиески ја отсликува атмосферата на едно минато време - исполнето со мирис на сушен тутун, звуци на фудбалски радио-преноси и топлината на едноставните, но, длабоки човечки врски. Во центарот на оваа приказна е баба Илка, тивка хероина чиј секојдневен труд и пожртвуваност го обликуваат светот на нејзините внуци. Прилеп е македонското Макондо, Илка е женската Зорба. Уредникот на издението, проф. Владимир Цветкоски оценува дека „Баба Илка“ е приказна за созревањето, за спознавањето на светот и страдањето. Сето тоа е во сенката на една впечатлива женска фигура, пишува во соопштението на „Макавеј“.

Оттаму додадоа дека авторот вешто го користи автентичниот прилепски дијалект и колоквијалниот говор за да постигне уметнички убедлив израз, „спасувајќи ги од заборав ликовите и времињата што полека исчезнуваат во подземната кал на заборавот“.

Модератор на настанот ќе биде Ана Јовковска. 

Книгата е достапна за продажба на веб-страницата на издавачот и во одредени книжарници во центарот на Скопје. бд/са/

Фото: „Макавеј“

Остани поврзан