Промоција на „Анализа на родовите аспекти во правосудството“
- Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) денес ја промовираше Анализата на родовите аспекти во правосудството, подготвена во рамките на проектот „Премостување на родовите стереотипи во правосудството“,финансиски поддржан од Владата на Обединетото Кралство, преку Британската амбасада Скопје.
Скопје, 12 декември 2024
Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) денес ја промовираше Анализата на родовите аспекти во правосудството, подготвена во рамките на проектот „Премостување на родовите стереотипи во правосудството“,финансиски поддржан од Владата на Обединетото Кралство, преку Британската амбасада Скопје.
Оваа сеопфатна анализа е обид да се согледаат состојбите со родова еднаквост условите за влез како и професионален развој на жените во правосудството. Анализата направи темелно квалитативно и квантитативно истражување и стигна до следните клучни наоди и предизвици:
- Постои родов јаз на раководните позиции во правосудството, па така „Во 70-годишната историја на највисоките правосудни институции, сè уште немало жена државен јавен обвинител,
- Детектирана е слаба застапеност на жените од помалите етнички заедници, па така во досегашните генерации на Академијата за судии и јавни обвинители немало ниту една жена од ромската заедница, а застапеноста на жените од другите помали етнички заедници на раководни позиции во рамки на правосудството е исто така многу ниска.
- Постои изложеност на родово базирано насилство и дискриминација: 40% од судиите и јавните обвинители, особено жените, се соочиле со вербални закани и насилство, вклучително и родово засновани закани во текот на извршувањето на нивната работа, а не постојат воспсотавени интерни механизми за заштита и пријавување на овие закани.
На настанот, М-р Неда Чаловска , експертка за родови прашања кажа : Колку e поинклузивно правосудството, толку е повеќе зголемена довербата во него. Потребно е исто така да се зголеми безбедноста на работното место, посебно на судиите поротнички, кои се изложени на вербално насилство и закани. Во правосудството не постои внатрешен механизам за пријавување насилство или дискриминација на работното место.
Професорката на Правниот факулетет Др Лажетиќ истакна: Жените, иако доминираат како бројка во правосудството, сепак се помалку застапени како се оди повисоко во хиерархијата, па така во досегашното постоење на Правниот факултет „Јустинијан Први“, немало ниту една жена Декан на факултетот и покрај пријавените кандидатки.
Адвокатот Гоџо истакна дека Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) родовата еднаквост ја гледа низ призмата на дискриминацијата, и во нашата земја нема примена на праксата на ЕСЧП иако земјата ја има ратификувано Европската конвенција за човекови права.
Анализата содржи конкретни препораки, меѓу кои:
- Ревидирање на клучните закони за експлицитно интегрирање на родовите аспекти.
- Воведување доверливи механизми за пријавување родова дискриминација и сексуално вознемирување.
- Поддршка за жени од немнозинските заедници преку стипендии, таргетирани кампањи и афирмативни мерки.
- Подобрување на условите за работа на судиите поротници и зголемување на нивната безбедност на работа.
- Зголемување на физичката и информативната пристапност во правосудните институции за подобар пристап на лицата со попреченост.
Анализата покажува дека родовата еднаквост во правосудството не е само прашање на вклученост и напредок на жените, туку и основа за ефективно владеење на правото и подобрен пристап до правда. ЦПИА ќе продолжи да работи на унапредување на родовата еднаквост преку соработка со институциите, граѓанските организации и медиумите, за да се обезбеди правичен пристап до правда за сите граѓани.
Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)
Фото: Центар за правни истражувања и анализи
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.