• недела, 24 ноември 2024

Промоција на автобиографската книга „Мојот сон“ на д-р Џемиле Берат

Промоција на автобиографската книга „Мојот сон“ на д-р Џемиле Берат

Скопје, 7 април 2024 (МИА) - КСП Центар Јадро денеска напладне ќе ја промовира книгата „Мојот сон“  на д-р Џемиле Берат (1957), автобиографија на првата Ромка од Македонија која завршила Медицински факултет на УКИМ.

Како стипендист веднаш била вработена во Здравствениот дом во нејзиниот роден град Крива Паланка, а откако се омажила за  воен доктор, се преселиле во Бјеловар во Хрватска, каде што работеле во Воената амбуланта.

Со распаѓањето на СФРЈ во 1991, се  вратиле во Македонија и таа почнала да работи во Воената болница.

Заради потребите во болницата, во 1993 година д-р Берат почнала специјализација по психијатрија на Клиниката за психијатрија која ја завршила во 1997 година.

-Од тогаш, па сè до моето пензионирање пред три години, работев во Воената болница како специјалист-психијатар, вели д-р Џемиле Берат во автобиографијата.

Рецензентот на книгата Гоце Ристовски истакнува дека автобиографијата на Џемиле Берат е „уверлив и сугестивен показ и доказ дека со верба, љубов, надеж, посветеност и работливост може да се стаса до ’ѕвездите’ и дека тој пат е обично „трнлив, исполнет со премрежја, разочарувања од суровата општествена стварност која е оптоварена со предрасуди од најразличен вид“.

-Така е и во случајот со д-р Џемиле Берат, која својот животен пат во автобиографијата го изнесува длабоко искрено, уверливо, автентично и, пред сè, емотивно, сакајќи да ги охрабри младите – пред сè младите Роми – дека и покрај сите реални тешкотии може да се стаса на врвот, пишува Ристовски во рецензијата. хс/аа/

Фото: КСП Центар Јадро 

 

Остани поврзан