• недела, 24 ноември 2024

Промотивниот настан за „Унапредување на квалитетот на медијацијата“

Промотивниот настан за „Унапредување на квалитетот на медијацијата“
Скопје, 3 мај 2022 (МИА) - Во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ) - Скопје денеска во Скопје ќе се одржи промотивниот настан на тема „Унапредување на квалитетот на медијацијата“ во рамките на проектот „Медијација, без дилема!“. Настанот има за цел да се промовираат и појаснат техниките на медијација кои се потребни за постигнување квалитет и професионализам во работата на медијаторите по искуство и експертиза од Кралството Холандија, а со цел доследна примена на новиот Закон за медијација. Воедно ќе бидат презентирани и наодите од психолошката процена на медијаторите во Кралството Холандија, со поддршка од Холандската федерација на медијатори. Најавено е обраќање на директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска, заменик министерот за правда Агим Нухиу, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер Дамјановска, претседателка на Комората на медијатори Гордана Богеска и на Роберт Декер од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Проектот „Медијација, без дилема!“, Институтот за европска политика (ЕПИ) - Скопје го спроведува во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Комората на медијатори на Република Северна Македонија и Холандската федерација на медијатори. Проектот е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, а има за цел да придонесе за промоција и зголемена употреба на медијацијата преку заеднички акции, дијалог и застапување врз основа на докази, како и да ги зајакне капацитетите на медијаторите, судиите, обвинителите и Комората на медијаторите. дма/вг/

Остани поврзан