• среда, 20 ноември 2024

Промовиран 23 број на списанието „Велес“

Промовиран 23 број на списанието „Велес“

Велес, 22 февруари 2023 (МИА) - Во организација на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ денеска во локалната библиотека „Гоце Делчев“ во  Велес е промовиран 23 број на списанието „Велес“, книжевно списание кое излегува еднаш годишно веќе 20-тина години.

Како што појасни проф д-р Васил Тоциновски, главниот уредник и воедно промотор на книжевното списание, во него единствени теми се Велес и велешани, а автори потписници може да бидат од сите страни на светот.

- Ова списание се занимава со севкупната историја, традиција и континуитет на велешкото духовно и материјално богатство од најстари времиња па се до денес, појасни проф д-р  Тоциновски.

Во овој број има статии за улогата на лозарите во македонското културно, политичко и национално движење, за дејноста на Пулевски како предлошка за влијанијата на лозарските движења во Македонија, за Петар Поп Арсов училишен бунтовник и револуционерен деец, за улогата на списанието „Лоза“ 1892-1894 во дебатите од крајот на 19 век за самобитноста на македонскиот литературен јазик, како и статија за Петар Поп Арсов како патеписец.

Во списанието има за дипломатската дејност на Андреја Петковиќ за која пишува проф д-р Васил Тоциновски, за конститутивните елементи на македонскиот национален идентитет, извадоци од книгата на Веле Алексоски „Вистината за Македонија“, за ликовната гаериска дејност и музичката инспирација за млади.

Во овој 23 број на списанието „Велес “ се наоѓа и текстот на пред година ипол починатиот велешки хроничар Љупчо Данов  насловен „Тажната приказна за велешката Симит и Таан алва“ и уште многу други интересни текстови. 

На денешната промоција  млади ликовни уметници од ООУ „Блаже Конески“ цртаа на тема Велес.

Учениците од Гимназијата „Кочо Рацин“ читаа дел од творештвото на велешките писатели, додека учениците од ОМУ „Стефан Гајдов“ го збогатија настанот со изведба на класични музички нумери. Воедно беа доделени и благодарници на долгогодишните соработници.ад/

Остани поврзан