• четврток, 26 декември 2024

Промовиран речник со игровни активности за усвојување, утврдување и примена на поимите од медиумска писменост

Промовиран речник со игровни активности за усвојување, утврдување и примена на поимите од медиумска писменост

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Крстозбори, лавиринти, детективски игри, анаграми и други игровни активности за ученици од прво до петто одделение содржи „Речник на поими од медиумска писменост со игровни активности за усвојување, утврдување и примена на поимите од речникот“, што денеска беше промовиран во Скопје.

Речникот, како што беше посочено на промицијата, може да се користи како помошна алатка во наставата со цел стекнување на медиумска писменост, но истиот може да биде наменет и за новинарите.

Автори на речникот се наставниците м-р Елена Апостолова, Добри Јовевски и Гордана Анастасова. Лекторката на публикацијате е Маја Катарова, а рецензенти се Огнен Чанчаревиќ и м-р Виолета Стевановска.

На денешната промоција, м-р Елена Апостолова посочи дека во речникот се идентификувани термините кои што се користат во наставата, а немаат соодветно толкување или немаат воопшто превод.

-Заедно работевме да ги идентификуваме термините кои што ги користиме во настава кои немаат соодветно толкување или немаат воопшто превод, односно треба да ги користиме интернационализмите. Почнувајќи од прво одделение децата постојано учат нови термини. Во овој речник се содржани сите термини кои што ги користат децата. Забележавме дека многу од поимите кои што се користат се всушност интернационализми, односно англицизми и токму затоа одлучивме да најдеме соодветен превод, рече Апостолова.

Таа додаде дека речникот е прифатен и од наставниците и веќе од следната година кога ќе почне да се работи на планирање на програмата, многу полесно ќе можат да го испланираат часот со помош на толкувањата во речникот.

Според Анастасова, многу е важно да се презентира речникот и на новинарите, со цел повеќе да се користат македонските зборови од англицизмите. 

-Доколку новинарите ги користат македонските зборови, во тој случај и децата многу полесно ќе ги прифатат и помалку ќе ги користат англиските термини, додаде Анастасова. Таа најави дека публикацијата ќе биде достапна и во дигитална форма.

Новинарот Огнен Чанчаревиќ на промоцијата рече дека децата треба да бидат медиумски писмени затоа што за разлика од порано кога немало интернет, сега децата знаат да користат компјутер, писмени се и читаат наслови. 

-Наслови од типот „Шокантно“, „Скандалозно“ на децата им привлекуваат внимание. Најлесно е децата да ги измамиме преку наслов со лажна информација.  Повеќето од тоа што е напишано како вест, луѓето го прифаќаат како апсолутна вистина, рече Чанчаревиќ.

Публикацијата е финалниот продукт кој произлезе од проектот „Native terms of Media Literacy give you better capacity“ (односно „Намали ризик - медиумска писменост на македонски јазик“) - субгрантиран проект на Do not MIS/DIS TechCamp Ohrid, организиран од Амбасадата на САД во партнерство со Диг-Ед. бт/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан