• среда, 18 декември 2024

Промовиран проектот „Протокол за постапување со деца со дијабетес во училишта и детски градинки“

Промовиран проектот „Протокол за постапување со деца со дијабетес во училишта и детски градинки“

Скопје, 25 септември 2023 (МИА) - „Протокол за постапување со деца со дијабетес во училишта и детски градинки“, е насловен проектот што денеска беше промовиран во Скопје, во организација на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија „Баланс МК“, со поддршка од Министерството за здравство и стручни лица. Претседателката на Асоцијацијата, Наташа Деспотовска Димитревска, пред присутните ги претстави целите на протоколот и појасни дека станува збор за прирачник, што за првпат се појавува во нашиот згрижувачки и воспитно -образовен систем и чијашто основна функција, ,е поддршка за децата со дијабетес тип еден.

Прирачникот, како што беше посочено, всушност дава упатства за најчестите проблеми и предизвици во кои може да се најде детето со дијабетес, при што навремената и соодветна реакција на воспитувачот, наставникот, е најважна.

- Денешнава промоција на протоколот, всушност претставува еден голем исчекор во заедничкото делување на невладиниот и владиниот сектор, еден вистински позитивен пример за силниот партнерски ангажман, а во интерес, во конкретниов случај, на децата со дијабетес тип еден. Овој бездруго благороден заеднички потфат, претставува резултат на потребата од вклучување на сите чинители од воспитно-образовниот систем, наставници, воспитувачи и друг персонал во градинките и училиштата, нивно запознавање со самата состојба дијабетес тип 1, за терапевтските можности и контрола на гликемијата кај овие деца, за начините како да се препознае, како да се реагира, односно да се помогне при акутните состојби кои дијабетесот со себе ги носи, а тоа се хипогликемиите и хипергликемиите, појасни таа. 

Прирачникот всушност дава упатства за најчестите проблеми и предизвици во кои може да се најде детето со дијабетес, при што навремената и соодветна реакција на воспитувачот, наставникот, е најважна.

- Искрено веруваме дека сите тие крајно едноставни и разбирливо пласирани така да ги наречеме, правила за постапување, во овој прирачник ќе бидат широко прифатени од сите оние за кои се наменети, воспитувачи, учители, наставници на нашите деца и воедно ќе бидат одличен мотив и натаму да продолжиме да делуваме активно во подобрување на квалитетите, стандардите на живот на сите деца, нагласи таа.

Заменик министерката за здравство Маја Манолева рече дека со силни ангажмани на пациентите и пациентските организации, заедно со поддршка на лекарите специјалисти од областа на ендокринологијата, излезе новиот протокол. Таа нагласи дека ова покажува, дека заедничката акција може да донесе вистински промени во здравствениот систем. 

- Ние во министерството за здравство постојано работиме во правец на подобрување на третманот на лицата со дијабетес, додаде таа. 

За годинава, рече Манолева, во програмата се издвоени 960 милиони денари, наменети за обезбедување на потребната инсулинска терапија, како и за соодветна едукација во оваа област.

- Нашиот здравствен систем располага со 41 кабинет за дијабетес во разни јавни здравствени установи, вклучувајќи ги универзитетски клиники, клинички болници, општи болници и здравствени домови. Последно, отворен е и Центар за справување и третман на обезноста - прекумерна телесна тежина, што е од суштинско значење за борбата против оваа сериозна здравствена проблематика. Најважното, во најскоро време очекуваме пристигнување на сензори за дијабетес, што ќе обезбеди безболно мерење на шеќерот кај децата. Со ова ќе исполниме едно од најзначајните барања на оваа категорија пациенти, што ќе претставува голема победа за нашите мали борци и нивните родители, подвлече Манолева. 

Министерот за образование Јетон Шаќири изјави дека станува збор за тема што треба да се дискутира секојдневно. Тој нагласи дека секој кој е вклучен во образовниот процес ќе треба да го даде позитивниот придонес на темата. 

Шаќири истакна дека сите треба да дадат позитивен пример, со цел, како што рече, да кажеме оти во образовниот процес сите сме исти и нема разлика помеѓу учениците.

Пред присутните се обрати и заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин.

- Како Влада и ресорно министерство, грижата за децата и вложувањето во најмладите е наш приоритет, затоа што тоа е влог во иднината на државата. Тие се идните градители на нашето општество, на идните политики и стандарди. Оттука и огромното значење за обезбедување на квалитетни услови за воспитание и образование на децата и квалитетни човечки ресурси кои ќе го обезбедат тоа, рече Хусејин. 

Тој додаде дека за посветената работа во унапредувањето на детската заштита потврдуваат и фактите, дека од 2017 година досега отворени се 81 објект детски градинки и 12 центри за ран детски развој. Тоа, нагласи, претставува опфат на околу 5.900 деца вклучени во предучилишниот процес.

- Како Министерство, освен што вложуваме во инфраструктурниот дел за зголемување на капацитетот и опфатот на децата во предучилишниот процес, работиме и на реформите за подобрување на квалитетот на предучилишното образование, односно, ги зајакнуваме професионалните компетенции на стручниот кадар преку спроведување на соодветни обуки, нагласи заменик министерот. 

Основен и мошне значаен дел од животот на секое дете, подвлече тој, е, да е прифатено од средината без разлика на неговата состојба и начин на живот.

- Затоа Министерството за труд и социјална политика силно ја поддржува инцијативата на Асоцијацијата, која со поддршка на  Министерството за здравство и стручни лица, од Клиниката за детски болести, го осмисли и реализираше проектот, рече Хусејин. 

Тој појасни дека прирачникот кој е наменет за наставниот кадар во градинките и училиштата, ќе придонесе за подобра едукација на сите вклучени во процесот на воспитание и образование и ќе ги упатува за постапување со децата со дијабетес.

Особено е важно, додаде, децата од најмлада возраст да научат да ги прифаќаат различностите кај своите другарчиња и заедно да ги премостат предизвиците.

Хусејин нагласи дека исто така, од голема важност, е, да се има отворена комуникација со детето, родителите на детето, воспитувачите и негователите и само на овој начин да се обезбеди безбеден престој на децата во градинките.

- Министерството за труд и социјална политика како и досега така и понатаму, ќе ги подржува сите инцијативи кои имаат за цел унапредување на детската заштита и правилниот раст и развој кај децата, нагласи Хусејин. 

Стојка Фуштиќ, директорката на Клиниката за детски болести, ја поздрави оваа иницијатива и проговори околу заложбите за инклузивно образование и околу идејата за вработување на медицинска сестра во училиштата.

Ирфан Ахмети, претседател на национална Комисија за дијабетес, изрази задоволство од промовирањето на брошурата, за која рече дека е многу важна. бд/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан