• сабота, 23 ноември 2024

Промовиран портал за Отворено владино партнерство

Промовиран портал за Отворено владино партнерство
Скопје, 9 декември 2020 (МИА) -  Унапредување на можностите за навремено информирање на граѓаните, невладините организации, деловните субјекти и државните институции и нивно вклучување во иницијативата за Отворено владино партнерство (ОВП) треба да овозможи  денеска промовираниот веб портал за ОВП, што го развија  Министерството за информатичко општество и администрација во соработка  со Фондацијата Метаморфозис во рамки на Проектот за граѓанско учество поддржан на УСАИД. Ресорниот министер Јетон Шаќири на промоцијата на порталот истакна дека оваа електронска алатка преставува централна точка за консултација, мониторинг, вклучување, вмрежување и известување на сите засегнати и заинтересирани страни во процесот. -Порталот за ОВП има за цел да послужи како платформа за интеракција и размена на информации во четири сегменти: консултации за подготовка на Националниот Акциски План (НАП), следење на спроведувањето на НАП, како и за следење на работата на Советот за ОВП и на Мрежата на граѓански организации за ОВП. Истовремено темелено на искуствата од оваа година и наметнатата потреба од промена на начинот работата од физичко односно традиционално одржување на состаноци, порталот нуди можност за одржување онлајн виртуелни состаноци со разговори во живо и видео поврзување на учесниците, рече на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација. Преку овој процес, укажа, се промовира и поттикнува идејата за транспарентноста која овозможува јавноста да го разбере работењето на Владата, а исто така и може да влијае врз нејзината работа преку вклучување во процесите на креирање на јавните политики и испораката на јавните услуги, но и да бара одговорност за нејзините политики и перформансите на испорачаните услуги. Северна Македонија, е меѓу првите држави што се приклучија кон иницијативата за ОВП и преку четири акциски планови, според Шаќири, има значајни постигнувања во различни важни области. Конкретно, во фискалната транспарентност и отворени финансии, соработката со граѓанското општество, пристапот до информации од јавнен, партиципативното креирање на политики, отворени податоци, спречувањето на корупцијата, јавните набавки, транспарентност на локално ниво и пристапот до правда. Во септември годинава стартуваше подготовката на новиот национален акциски план за периодот 2021-2023, со активна вклученост на стотина претставници од граѓанскиот и јавниот сектор. Министерот Шаќири се надева дека новиот портал ќе ја олесни комуникацијата и соработката помеѓу засегнатите страни вклучени во процесот  и на долг рок ќе помогне во следењето и унапредувањето на иницијативата за ОВП во нашата земја. Дон Кармин, директорка на Канцеларијата за општ развој на УСАИД во Северна Македонија,  потенцираше дека  ОВП е посебно важно  и корисно во нашиот поврзан свет, каде технологијата им овозможува на граѓаните да се поврзат со избраните и именуваните службени лица со еден клик,  порака... Со оваа поврзаност, укажа, граѓаните со право  бараат поголема респонзивност, отвореност, транспарентност и отчетност  од своите влади. Северна Македонија се приклучи на партнерството во 2011 година, а на 10 годишнината од постоењето, наведе Кармин, важно е да ги обновите обврските  за подобрување до пристапот на информации, фискалната транспарентност, потребата од отворени податоци и пристапот до правда, како и многу други  итни приоритети. -Ние од Владата на САД сме тука да соработуваме со вас во овие напори.  Нашите приоритети за Северна Македонија и регионот исто така вклучуваат зголемена транспарентност и напори за борба против корупцијата, економски просперитет и можности за младите, потенцираше претставничката на УСАИД. Како што потенцираше, Бардил Јашари од фондацијата „Маетаморфозис“, ОВП  е процес којшто е дизајниран да овозможи системски и постојан  дијалог помеѓу Владата и невладините организации и создава можност сите чинители  во општеството да учествуваат во обликување на политиките кои влијаат за подобрување на транспарентноста. - Верувам дека платформата ќе стане централен ресурс за сите заинтересирани за Отвореното владино партнерство и можност за поголемо учество на сите заинтересирани. Со тоа ќе имаме инклузивен процес кој ќе резултира во подобри  акциски планови, а со тоа и поамбициозни реформи кои ќе придонесат  да имаме поефикасни и поотворени институции со што ќе придонесеме да се зголеми довербата на граѓаните  кон институциите, рече Јашари. лв/са/

Остани поврзан