• среда, 25 декември 2024

Промовиран новиот Електронски систем за поднесување поплаки и пријави за услугите на јавната администрација

Промовиран новиот Електронски систем за поднесување поплаки и пријави за услугите на јавната администрација
Скопје, 23 септември 2021 (МИА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќир денеска го презентираа новиот „Електронски систем за поднесување на електронски поплаки и пријави поврзани со услугите кон јавната администрација“. Веќе од утре, како што најави вицепремиерот Николовски, граѓаните непречено ќе може да го користат системот и преку интернет да ги поднесуваат своите пријави што се поврзани со услуги или со корупција кои ги нуди јавната администрација. Повикувачкиот центар, пак, ќе работи секојдневно од 08 до 16 часот за време на работните денови, а телефонскиот број е 02 315 0050. Николовски нагласи дека овој систем е „уште еден силен сојузник“ во праќањето на јасна политичка волја, но и конкретни проекти и резултати во делот на бескомпромисната борба против корупцијата. Според Николовски, воспоставувањето на овој систем е неопходно заради ефикасно и ефективно водење на постапките за добивање на услугите, но и заради навремено постапување на институциите по барањата на граѓаните. - Овој систем е уште еден силен сојузник во бескомпромисната борба против корупцијата, во охрабрувањето на граѓаните, да пријавуваат кога не се постапува по нивните барања за одредени услуги. Со воспоставувањето на системот, добиваме дигитален канал за пријава на поплаки поврзани со услугите и со корупцијата, со што ќе се овозможи подобрување на ефикасноста на јавните институции, квалитетот на услугите, брзината, како и задоволството на граѓаните и правните лица од администрацијата, рече заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки Николовски, на денешната заедничка прес-конференција со министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќир. Дополнително, оцени Николовски, со овој систем ќе се подобри транспарентноста во однос на постапувањето на органите на државната управа, така што комуникацијата и процесот на разрешување ќе бидат на увид на граѓаните и правните лица со цел за создавање на јавен притисок за надминување на проблемите. Електронскиот систем, појасни вицепремиерот, предвидено е да се имплементира како посебен модул во рамки на Националниот портал за електронски услуги. Преку него граѓаните и правните лица ќе можат да испратат пријава за која било услуга до институција, како најавени корисници или анонимно со можност за евидентирање на пријавата, вклучително и за можноста за корупција. Истото ќе можат да го сторат и преку телефон, за што е воспоставен повикувачки центар и е отворена телефонска линија уште од денеска. За да може да се мониторира, системот ќе генерира месечни извештаи за вкупен број примени пријави, претставки и предлози, вкупен број на примени пријави, предлози по институција и област, вкупен број на задоцнето постапувањето по различни предмети, како и колку од нив се прифатени,одбиени, препратени. Овие извештаи, потенцира Николовски, ќе бидат основа за соодветни анализи за предлагање на соодветни мерки и активности во конкретните области. Инаку, изминатата недела биле организирани обуки за две групи од страна на компанијата „Некстсенс“, на кои учество земале 70  вработени од повеќе институции кои ќе работат на позадинско примање на поплаки од страна на граѓаните и ќе ги проследуваат во своите институции за понатамошно разгледување и постапување. Паралелно со ова на обуките биле присутни и вработени во Генералниот секретаријат на Владата кои ќе работат во повикувачкиот центар во рамки на Владата. - Нивната улога ќе биде преку телефонска комуникација да примаат поплаки и истите да ги внесуваат во онлајн платформата при што граѓаните ќе можат да ја реализираат својата можност за поднесување на пријави и преку телефонска врска, образложи Николовски. Во рамки на порталот, додаде тој, ќе останат и тековните функционалности за поставување на прашања поврзани со одредена услуга, институција, најава, регистрација и останати аспекти. - Оваа Влада докажа што значи вистинска грижа за граѓаните, затоа што за нас, граѓаните и нивните потреби, се на прво место! Но, оваа битка е заедничка, граѓаните и Владата се на иста страна. Затоа, ги охрабрувам сите за одговорно однесување кон јавното добро и пријавување на сите забележани неправилности во работата на јавните служби. Нештата нема сами од себе да се променат, туку мораме да ја поттикнеме промената која сакаме да се случи. Електронскиот систем за пријавување и следење е нашиот клуч до саканата промена, сè што треба е да ја надминеме сопствената инертност и да започнеме со негова редовна примена, порача вицепремиерот Николовски. Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири информира дека МИОА како носител на Националниот портал за електронски услуги, преку кој граѓаните и правните лица имаат пристап и можат да остварат електронски услуги, постојано го дополнува со нови услуги. Тој соопшти дека  во моментов се во завршна фаза и најави дека следната недела заедно со Министерството за правда и заедно со 26 судови од цела држава ќе промовираат нови услуги за потврди и документи од казнена евиденција за граѓаните. - Тоа се стотици заштедени часови чекање пред шалтерите, многу нервоза и извор за корупција, нагласи Шаќири. Министерот најави дека следните недели, а до крај до 2021 година ќе се промовираат и дестина нови услуги заедно со МВР, МЗШВ, МНР, Министерството за економија... цр/мд/

Остани поврзан