• вторник, 26 ноември 2024

Промовирана публикација за преводот во македонската книжевноисториска традиција (IX-XVIIIвек) од Сунчица Трифуновска Јаниќ

Промовирана публикација за преводот во македонската книжевноисториска традиција (IX-XVIIIвек) од Сунчица Трифуновска Јаниќ

Тетово, 26 ноември 2024 (МИА) - Публикацијата „Преводот и преводно-компилаторската творечка постапка во македонската книжевноисториска традиција (IX-XVIIIвек) од авторката Сунчица Трифуновска Јаниќ беше промовирана синоќа во Општина Брвеница. Книгата е прво дело на авторката, а промотори беа универзитетските професорки д-р Мери Јосифоска, д-р Веселинка Лаброска и доц.д-р Лилјана Ѓорѓиева.

-Во оваа книга е обработен суштински период од македонскиот јазик, којшто сега ќе биде достапен до широката јавност. Таа е патување низ историјата на нашата книжевна традиција и култура и е посветена на преводите во македонската книжевно-историска традиција од 9. до 18. век, односно на период од цели 10 века, кои се клучни за обликувањето на македонската културна и писмена идентификација. Во оваа книга се моите размислувања  и мојата визија за почетоците на македонскиот јазик, како и мојата желба да оставам нешто вредно и трајно на македонското научно тло. Секоја страница е резултат на долгогодишно размислување и посветеност. Во овде претставените 10 века, преводите играат суштинска улога во пренесувањето на знаење, култура и идеи, кои биле важни не само за нашиот народ, туку и за целокупната балканска и европска традиција. Сепак, историјата не е само наука за учење на теми од минатото, туку претставува главен клуч за сегашноста и иднината на еден народ, истакна авторката Сунчица Трифуновска Јаниќ.

Публикацијата е издадена со поддршка на Министерството за култура како дело од национален интерес во културата за 2024 година. Авторката Сунчица Трифуновска Јаниќ е дипломиран професор по македонски јазик и виш лектор на македонски јазик. ас/вг/


фото: Општина Брвеница 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан