• вторник, 24 декември 2024

Промовирана публикација за превенција, препознавање и лекување на недостиг од витамин Д во државава

Промовирана публикација за превенција, препознавање и лекување на недостиг од витамин Д во државава

Скопје, 9 април 2024 (МИА) - На Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше промовирана публикација за превенција, препознавање и лекување на недостиг од витамин Д во државава. Според уредникот на публикацијата и еден од авторите, професор доктор Калина Гривчева Старделова, интересот и популарноста на витаминот Д се во постојан пораст, информираа попладнево од Клиниката за гастроенетерохепатологија.

- Актуелноста и контроверзиите околу витаминот Д, особено дојдоа до израз во текот на пандемијата со Ковид-19, кога се покажа дека ниското ниво на овој витамин е поврзано со зголемената смртност од инфекцијата од Ковид-19. Ниско ниво на серумската концентрација на витамин Д е најдено и кај многу други хронични болести, како на пример кардиоваскуларните болести, малигните болести, невролошките и психијатриските болести и така натаму. Оваа асоцијација за одредени стручни кругови е доволен аргумент, недостигот од витамин Д да го прогласат за главна причина за лошата здравствена состојба на населението. Разбирливо е дека ваквото гледиште разбуди голем интерес, но, отвори и полемики. Интересот за витаминот Д е присутен кај општата популација, но и во стручните и научни кругови, се наведува во писмената изјава на Гривчева Старделова.

Македонското здружение за ентерална и парентерална исхрана во соработка со други лекарски здруженија, ја подготвило научната публикација со наслов „Насоки за превенција, препознавање и за лекување на недостиг на витамин Д меѓу возрасната популација во Република Северна Македонија.

- Оваа публикација, наменета за здравствените работници, има цел да даде осврт за улогата на витаминот Д кај разни ендокринолошки, гастроентеролошки, ревматолошки, кардиолошки, белодробни, невролошки и психијатриски заболувања. Исто така, таа нуди одговори на прашањата за тоа што е улогата и до кој степен хиповитаминозата на витаминот Д, ја влошува веќе развиената клиничка слика, дали хиповитаминозата е причина за заболувањето или последица на заболувањето, колкава доза, до која целна вредност и колку долго треба да се суплементира витамин Д кај разни заболувања, како и кои се докажаните придобивки од корекцијата на хиповитаминозата, се појаснува во соопштението на Клиниката за гастроенетерохепатологија.

Во подготовката на публикацијата биле вклучени и Македонското здружение за медицинска биохемија и лабораториска медицина, Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, Македонското невролошко здружение, Македонското психијатриско здружение, Македонската ревматолошка асоцијација и Македонското респираторно здружение.

Со поддршка на АД „Алкалоид“, публикацијата е отпечатена во тираж од 1.400 примероци и ќе се дистрибуира до лекарските здруженија и лекарите ширум земјата. бд/бак/

Фото: Клиника за гастроенетерохепатологија

Остани поврзан