• среда, 25 декември 2024

Промовирана поштенска марка по повод историскиот настап на македонските фудбалери на ЕУРО2020

Промовирана поштенска марка по повод историскиот настап на македонските фудбалери на ЕУРО2020
Скопје, 1 јуни 2021 (МИА) – Поштенска марка по повод историскиот настап на македонските фудбалери на Европско првенство во фудбал 2020 промовираше денеска АД Пошта на Северна Македонија. На промоцијата, која се одржа во просториите на Дирекцијата на АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје, генералниот директор Јани Макрадули порача дека со оваа поштенска марка сакаат да се заблагодарат на репрезентатиците за успехот и радоста што ја приредија на сите нас. - Марката е со номинална вредност од 181 денар и изработена во 6 000 примероци. Поради ковид мерките, иако бевме договорени, денеска, за жал со нас не се селекторот и играчите, изјави Макрадули. Ова е скромен придонес од нас за сите фудбалски репрезентативци, посочи Макрадули и им посака успех на првенството. Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, порача дека нашите фудбалски херои го заслужуваат ваквиот гест и поштенска марка во нивна чест. - Се надевам дека до почетокот на отворањето на ЕП ќе собереме сили што повеќе граѓани да присуствуваат на трибините во Букурешт. Како спортист знам дека не е исто, да се игра со полни и пред празни трибини, изјави Мојсоски. Mакедонската фудбалска репрезентација обезбеди прв историски настап на ЕУРО2020, што од 11 јуни до 11 јули ќе се одржи во повеќе градови низ Европа. Македонските фудбалери својот прв натпревар на Европското првенство го играат на 13 јуни во Букурешт против Австрија, по што следат пресметките со Украина и Холандија. мд/аа/

Остани поврзан