• вторник, 24 декември 2024

Промовирана новата генерација полициски службеници (ДПЛ)

Промовирана новата генерација полициски службеници (ДПЛ)

Скопје, 27 април 2024 (МИА) - Во Центарот за обука во Идризово денеска се одржа свечена промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година. Едногодишната обука ја завршија 508 нови полицајци од кои 416 мажи и 92 жени. 

Техничкиот премиер Талат Џафери честитајќи им на новите припадници на полицијата посочи дека да се биде на првата линија на безбедноста е благородно и во исто време многу одговорна должност.

-Знаењата и вештините што сте ги стекнале изминатава година преку интензивна обука, верувам дека како идни полициски службеници ќе ги применувате доследно во организациските единици каде што ќе бидете распоредени, рече Џафери.

Ги охрабри полицајците да бидат чесни и посветени во спроведувањето на должностите кон граѓаните и горди на својата работа и професионално да се справуваат со новите предизвици на работата и да бидете подготвени за очекуваните одговори. Посочи дека овој ресор работи исклучиво во служба на граѓаните, и никако поинаку, и за полицискиот службеник, секој граѓанин е подеднакво важен, независно од личните определби, уверувања, или какви било други различности. 

-За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи, рече Џафери. 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека полицајците ги очекува една нова етапа.

-Најпрво би ви порачал секојпат да имате на ум дека секој еден од вас е креатор на сопствената среќа. Вашиот успех зависи само од вас. Вашиот успех треба да заврши само од вашата стручниост, кооперативност, добра волја, истакна Тошковски. 

Порача дека законот мора да се почитува, како и дека секоја добра промена почнува од поединецот, од неговиот светоглед, поведение и дејствување, а не обратно.

-  Секако говорам за интергритетот кој што е суштинска спротивност од подмитливоста, или поткупливоста, од лицемерието, од непочитувањето на законите или од селективната правда. Вие како млади луѓе пред кои е иднината имате право, можност, одговорност и секако обврска секој во својот домен на способности и афинитети да даде свој придонес за подобра и попросперитетна заедничка иднина, рече министерот Тошковски. 

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев им честиташе успешното завршување на обуката за полициски службеници, потсетувајќи на се што претходно е направено во полицијата, меѓу другото, и на реконструкцијата на Центарот за обука во Идризово.  

На свеченоста беа соопштение и имињата на најдобрите полициски службеници. 

По завршувањето на официјалниот дел од промоцијата, како што јавуваат медиумите, припадниците на полицијата пред министерот Тошковски ја запеале македонската народна песна Бисер Балкански. ев/

ФОТО: Влада/МВР 

Остани поврзан