• среда, 25 декември 2024

Промовирана Монографија за библиотеката во Гостивар

Промовирана Монографија за библиотеката во Гостивар

Гостивар, 23 април 2024 (МИА) – Последното дело на авторката Теута Османи „Монографија за библиотеката 1949-2023“ денеска беше промовирано во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар.

Таа пред во обраќањето напомена дека идејата за да реализира вакво монографско издание ја има од поодамна, но во последниве година и пол се посветила поинтензивно на истражувањата.

- Имам повеќегодишно искуство во библиотекарството и сакав да ги соберам на едно место сите поважни документи кои го определуваат делувањето и опстојувањето на оваа институција и ќе има информации кои досега се наоѓаа во архивите, рече Османи.

Монографијата за гостиварката библиотека која низ годините го менувала името, освен копии од документи, содржи и ретки фотографии и скици во седумдецениското постоење.

Почетоците на библиотекарството како дејност во Гостивар датираат од периодот по Втората светска војна, а низ годините таа е сместувана на повеќе локации. Според Валентина Тасеска која зборуваше на промоцијата, прв библиотекар бил Никола Тримчески.

Рецензентот Семир Алији за ова дело на Османи кажа дека станува збор за оригинален и досега единствен труд за постоењето на градската библиотека. Монографијата за гостиварската библиотека има две јазични изданија, на албански и македонски јазик.

Денешната промоција ја организираше Центарот за култура „АСНОМ“ по повод 23 Април - Меѓународниот ден на книгата. згм/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан