• понеделник, 02 септември 2024

Промовирана монографијата „Јовановска маала во село Очипала“ од авторката Славица Цветкова

Промовирана монографијата „Јовановска маала во село Очипала“ од авторката Славица Цветкова
Делчево, 4 јули 2021 (МИА) - Едно од најпознатите маала во делчевското село Очипала, Јовановско маало доби своја монографија. Монографијата насловена „Јовановска маала во селото Очипала“ од авторката Славица Цветкова денес го доживеа светлото на денот. Делото како што истакна рецензентот Крум Николовски е уметнички вез, кој изобилува со безброј сувопарни податоци кои се неминовни за една монографија. - Станува збор за монографија која ја опишува Јовановска маала во село Очипала, која е создадена како завет, за да идните генерации знаат од каде потекнуваат, како се живеело порано и е дело кое може да се надоградува со многу нови сознанија. Се гледа дека авторката вложила многу труд, делото содржи многу фактографски работи, многу истражувања, што остава простор да се надогради со второ издание, рече Николовски. Монографијата содржи три дела, а централно место како што додаде авторката има Јовановска маала. Иницијативата за да го напише делото потекнува од родот Јовановци, чија главна желба како што додаде Цветкова била своите корени да ги сочуваат за идните генерации. - Првиот дел е посветен на селото Очипала и неговите историски корени, вториот дел е исклучиво за Јовановска маала, која не може да се разгледува одделно, туку е составен дел на селото во кој се кажани почетоците на Јовановска маала, преку изградбата на првата куќа и растот на родот, корените се од 19 век, додека третиот дел е генеалошкото стебло за Јовановци од 1870 година до денес. Во монографијата е застапена е и етнологијата, културно забавниот живот, песни од Очипала, како и значајни личности од овој крај, рече Цветкова. Јовановско маало е место од каде потекнуваат корените и на поранешниoт градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски кој го поддржа издавањето на монографијата, која според него ќе остане да сведочи за историјата на овој крај. - Јас сум роден на ова место, овде сум бил до мои 6 години, понатаму секое лето до 15 годишна вораст сум растел и затоа најубавите сеќавања ги имам од овде затоа што знаеме дека на таа возраст кон се што тогаш се случувало гледаме позитивно. Ме радува дека авторката се зафати со ова дело кое го прифатија институциите од културата и од тоа произлезе едно дело кое ќе сведочи за она што се случувало досега, рече Димитровски Со постоењето на живинарска и краварска фарма како и етно ресторан кој неодамна е изграден Димитровски очекува да се овозможи на одреден број на луѓе повторно да го заживеат местото. Делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, кој присуствуваше на промоцијата, истакна дека Општината ќе стори се што е во нејзина моќ да се подобрат условите за етапно вложување во подобра инфраструктура со цел да продолжи вложувањето на дел од мештаните. - Бидејќи се градат објекти, ние како локална самоуправа можеме да ги создадеме условите, особено да излобираме да се приклучи довод за струја, за да може овој објект каде се одржа промоцијата, но и сите други идни вакви објекти да можат да привлечат туристи во нашиот регион, рече Трајковски. Семејството Петровски во чиј новоизграден комплекс се одржа промоцијата информираше дека местото ќе биде збогатено до дополнителни содржини се со цел привлекување поголем број на туристи. - Станува збор за нешто ново во Делчево, имаме идеја за развој, овде ќе се врши една услуга на традиционални јадења кои ќе бидат припремани на автентичен начин од овој крај. Со ова сметам дека ќе придонесеме за развој на туризмот. Значи етно комплекс со бунгалови кои понатаму ќе се градат, истакна Дамјан Петровски. Монографијата „Јовановска маала во селото Очипала“ е јубилејно 10 дело на кочанката Цветкова, која освен 10 издадени книги досега има напишано и монографија за кочанското селото Бели како и збирка поезија „Треперење на душите“. вс/свс/

Остани поврзан