• среда, 25 декември 2024

Промовирана книга „Гимнастиката во Битола“ чиј автор е спортскиот новинар Димче Миновски

Промовирана книга „Гимнастиката во Битола“ чиј автор е спортскиот новинар Димче Миновски

Битола, 9 февруари 2023 (МИА) - „Гимнастиката во Битола“ е најново авторско дело на спортскиот новинар и хроничар Димче Миновски кое на промотивен настан беше претставено во битолскиот Офицерски дом.

Станува збор за труд кој опфаќа период од 150 години и во кој авторот Миновски пишува за Стефан Ролев или „Железниот Ролев“ кој живеел 104 години, а во 1908 година ги основал гимнастичките друштва „Бигленски јунак“ и „Пелистерски јунак“, кои според авторот се почетоци на гимнастиката во овој град, како и развојот на гимнастиката до денес.

- „Железниот Ролев“ бил сестран спортист, но и учесник во Илинденското востание, како и во ослободителните борби на македонскиот народ во поилинденскиот период. Но во книгата со бројни документирани податоци може да се прочита за формирањето на Гимнастичкиот Сојуз на Македонија кој датира од август 1948 година, а за прв претседател избран е Диме Бојановски од Битола, како и за Вера Трајкова првата пионерка гимнастичарка, потоа Марија Страчкова, прва жена гимнастичарка која во 1966 година е избрана за спортистка на годината на градот Битола, и секако во книгата е застапен вечниот младич, гимнастичарот и познат спортски работник Јонче Секуловски (1903-1997), легенда во битолскиот спорт, нагласи Миновски.

Рецензенти на книгата се спортскиот новинар Сашо Ристевски кој посочи дека во книгата доминираат податоци кои се значајни за историјата на Битола, рецензентот Ѓуро Илиќ, спортски работник од Битола предочи дека Миновски е автор кој најмногу пишувал и публикувал дела посветени на спортот, а новинарот Марјан Танушевски пред аудиториумот истакна дека авторот освен што ги издвојува успесите на битолските гимнастичари, како и почитта што тие ја имале од светски познатите гимнастичари како што се прославениот словенечки гимнастичар Мирослав Церар и светскиот и олимписки шампион Шен Јубинг од Кина.

Промоцијата на книгата „Гимнастиката во Битола“, издание поддржано од битолскиот стопанственик и вљубеник во гимнастиката Александар Митковски ја поздрави градоначалникот Тони Коњановски кој најави поддршка на најавените книги за спортот чиј автор е Димче Миновски. зс/

Остани поврзан