• вторник, 01 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Промовирана книгата на Зоран Ѓоргиев „Траги од еврејското наследство во Битола“

Промовирана книгата на Зоран Ѓоргиев „Траги од еврејското наследство во Битола“

Битола, 9 март 2025 (МИА) - „Траги од еврејското наследство во Битола“ е втора книга на авторот Зоран Ѓоргиев кој вечерва во битолскиот Офицерски дом приреди промоција на своето најново дело, продолжение на истоимената книга објавена пред неколку години во овој град. Втората книга е побогата и со повеќе информации, истакна авторот Ѓоргиев пред аудиториумот од градот, државата, но и гости од Израел и Германија.

-Во книгата овој пат нудам повеќе содржини врзани со еврејското наследство во Битола. Публикуван е материјал за 12 еврејски фамилии кои живееле во Битола, објавувам многу оригинални семејни фотографии, како и фотографии од еврејските синагоги кои постоеле во Битола, а некои и ден денес опстојуваат во Република Македонија. Слободно ќе речам, единствено Битола го посочува еврејското наследство и до ден денес успева тоа наследство да го негува за да се задржи и опстои во овој град како знаменит дел од се што евреите оставиле зад нас. Искрено, мојот мотив е содржан во моето чувство за една голема празнина од историјата на Битола, сакав што повеќе да пренесам од придонесот на тогашните Евреи за подемот на градот, познат и како Монастир, да биде тоа што е денеска, посочи авторот Ѓоргиев.

Паралелно со промоцијата на книгата „Траги од еврејското наследство во Битола“, во Офицерскиот дом беше промовирана и изложба на цртежи „Аманет“, репродукција на портрети и мотиви од Битола од младиот и талентиран Евреин, Гастон Гамлиел.

-Оригиналните цртежи ги чуваше мојот татко Павле Кипровски, а потоа и јас во нашата семејна куќа. Неколку денови пред депортацијата на еврејското семејство Гамлиел, мојот татко беше замолен од Гастон да ги чува цртежите во нашата куќа каде тие заедно со нас живееја. Вечерта пред депортацијата, папката со цртежи беше оставена кај нас како аманет ако еден ден некој од семејството се јави, цртежите да им ги вратиме. Цртежите ги чувавме 80 години се додека не се уверивме дека семејството Гамлиел имаат живи роднини и цртежите веднаш ги вративме. Ми беше многу мило што аманетот се исполни, истакна вечерва битолчанката Аница Кипровска Нашоку, ќерка на Павле Кипровски, во чие семејство осум децении се чуваа цртежите на младиот Евреин.

Изложбата „Аманет“ со цртежи на Гастон Гамлиел, како и фотографии фотографирани во Битола од група студенти од различни земји и националности кои учествуваа на Меѓународната магистерска програма Вајс-Ливна на Студиите за холокаустот на Универзитетот во Хаифа, под стручно водство на Тами Рич, освен во Битола, наскоро ќе биде претставена во Солун, Грција и Хаифа, Израел. мт/ев/

Фото: МИА

 

Остани поврзан