• петок, 27 декември 2024

Промовирана книгата „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска

Промовирана книгата „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска

Битола, 15 јули 2021 (МИА)Универзитетскиот професор Даниела Андоновска-Трајковска ја промовира книгата „Математичка поезија“, издание на Центарот за култура и културолошки студии од Скопје.

Книгата ја доби наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра поетска книга во 2020 година затоа што лирските мотиви во книгата се остварени низ една повеќеслојна поетска структура со математички признаци, кои ја раскажуваат бескрајната приказна на човекот.

-Даниела Андоновска-Трајковска со вешт и едноставен поетски јазик анимира геометриски форми за да ги прикаже човечките слабости и доблести, дека денес се живее само на една права и дека најчесто луѓето денес се темиња на триаголник кој цел живот се обидува да си ја задржи формата, дека времето е круг, а луѓето заточеници на своите остри агли, но таа ни ја предочува и нашата вистинска природа и ни ја покажува и линијата на животот и сфаќаме дека сме отсечки кои се продолжуваат на двата краја, дека рамнокракиот триаголник станува дом, а цел живот градиме прави агли по кои тече нашето време, се посочува за делото на Андоновска-Трајковска, поет, прозаист, уредник на списанија и книжевен критичар.

На промоцијата говореа Мишел Павловски, Гордана Стојаноска и Весна Мундишевска-Велјановска.

Делата на професор Даниела Андоновска-Трајковска се преведени на повеќе светски јазици и е добитник на неколку книжевни награди како што се Носиде во Италија 2011, Празник на липите 2018, „Крсте Чачански“ за проза 2019 и Караманов во 2019 година. мт/мд/

Остани поврзан