• среда, 25 декември 2024

Промовирана инклузивната сликовница со брајово писмо „Другарите од зоолошката градина“

Промовирана инклузивната сликовница со брајово писмо „Другарите од зоолошката градина“
Скопје, 6 октомври 2022 (МИА) - Дечињата и воспитниот кадар од градинката „Орце Николов“ денеска организираа инклузивна работилница насловена „Да читаме заедно“, која претставува прва активност од овој вид што се реализира во нашата држава. Во рамки на работилницата, авторката Гордана Симоновска Момироска, која воедно е и претседател на Здружението на граѓани „Совет на различни, а еднакви“, ја презентираше својата инклузивната сликовница „Другарите од зоолошката градина“, соопштија од Општина Карпош. Од Општината за сликовницата појаснија дека станува збор за пишано издание кое е печатено со две писма, кирилично видно и кирилично Брајово писмо, што значи дека е прилагодено и за децата кои „гледаат со допир“. - Сликовницата изобилува со разиграни илустрации и римувани стихови наменети за публиката од ран детски развој, која по својата функција претставува еден вид алатка, која на најмладите ќе им овозможи да читаат без дискриминација. Во оваа пригода, учениците со оштетен вид читаа извадоци од интерактивната сликовница и им покажаа на присутните како се користи Брајовото писмо, наведоа од Општина Карпош. На работилницата присуствуваа и двајца ученици од Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ од Скопје, сопругата на словачкиот амбасадор во земјава, Жанет Маркушова, како и претставници од Секторот за дејности за јавен интерес од Општина Карпош. Кон крајот на денешната дружба, директорката на предучилишната установа „Орце Николов“ од името на дечињата од градинката, им врачи подароци на двајцата основци од „Димитар Влахов“, како и благодарници за учество во работилницата, кои беа испечатени и со Брајовото писмо. см/сп/

Остани поврзан