• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Промовирана дебитантската стихозбирка „Ехо на љубовта" од кривопаланечанецот Никола Митовски

Промовирана дебитантската стихозбирка „Ехо на љубовта

Крива Паланка, 3 април 2025 (МИА) - Ехото од стиховите на љубовта од поетската душа на 17- годишниот кривопаланечки поет Никола Митовски, синоќа одекна во големата сала на Општина Крива Паланка на промоцијата на неговото лирско првенче во издание на издавачката куќа „Збор".

Пред публиката во неговиот роден град, другари, професори, културни работници и новинари, Митовски ги разлиста своите емоции, љубовни изблици, мудри размисли, надежи и мечти на тинејџерското срце што носат емотивна бура, лавина младешки занес низ сите форми на љубовта.

Заблагодарувајќи им се на сите што верувале во него до остварување на желбата да го создаде и промовира ова негово прво книжевно дело, Митовски упати посебна порака за благодарност до градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, за финансиската поддршка за издавање на делото, до мајката и братот и до сите што веруваат во, како што рече, моќта на  пишаниот збор.

-Ова не е само промоција, туку исполнување на еден сон, една визија и желба.„Ехо на љубовта“ носи порака дека вистинската љубов никогаш не исчезнува – таа одекнува низ времето, низ сеќавањата, низ зборовите што ги оставаме зад себе. Се надевам дека во оваа книга ќе најдете дел од вашата приказна. Ако барем еден стих, барем една реченица ви прозвучи познато, тогаш знам дека книгата ја исполнила својата мисија, рече Митовски.

Промоторката, поетесата Емилија Колевска, рече дека преку неговото дело со одек на младоста, ечи надежта дека сѐуште жари и битисува човечкото во човекот.

-Ведрината, емотивноста и младешкиот занес кои младите ги носат со себе, а неизмерно им се потребни и на повозрасните, вечерва одекнува низ поезијата на Митовски и претставува крик од душевни вознеси и емоции, пренесени вешто во делови од книгата преку реминисценција на опеаните вонвременски љубови на Петре М. Андреевски, преку Петрарка, Бокачо, Рацин, Прешерн, но пред сѐ преку гласот на своето срце, рече Колевска.
Рецензија и осврт на делото даде и Соња Гаврилова, македонска писателка од клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ – Велес.
-"Ехо на љубовта" е вистинско освежување и подмладување на литературното ѕвездено небо, со современа македонска лирска поезија за неисцрпната муза и инспирација, љубовта, вели Гаврилова.

Рецензентката Оливера Станковска заокружи цитирајќи ги стиховите на поетот „само љубовта, онаа силна и безусловна, која е светлина во темнината, може да нѐ поведе на патот до среќата".

Книгата е достапна за сите љубители на пишаниот збор во издавачката куќа „Збор", а може да се нарача и онлајн, како и директно кај авторот.
Никола Митовски е поет, младински активист, член на училишната средношколска заедница на матичното училиште СОУ „Ѓорче Петров" Крива Паланка, член на Советот на млади на Крива Паланка, новинар од новинарскиот клуб „Тин тим".ид/лв/

 

Фото: Роберт Крстевски 

Остани поврзан