• петок, 27 декември 2024

Промовирана базата за медиумско сопствеништво

Промовирана базата за медиумско сопствеништво

Скопје, 14 декември 2023 (МИА) – Во Скопје денеска беше промовирана базата на податоци за медиумско сопствеништво која се обидува да даде одговор на прашањето кој ги поседува медиумите. Проектот е во организација на „Балканската истражувачка репортерска мрежа“ (БИРН) и меѓународната непрофитна организација „Глобален медиумски регистар“ (ГМР).

Ана Петрушева од БИРН посочи дека на базата се работело речиси шест месеци по методологија на глобалниот медиумски регистар и дека базата се обидува да даде одговори на дел од прашањата како што се кој ги поседува медиумите, како луѓето можат да оценат веродостојни содржини и како новинарите квалитетно да работат ако не знаат кој ги контролира медиумите каде што работат и како регулаторот може да се бори против концентрација во медиумите доколку не знае кој стои зад нив.

- Се одбираат десет највлијателни медиуми со најголема публика во четири типа на медиуми - телевизија, радија и онлајн медиуми. Македонија има проблем кога се работи за мерење на публика затоа што постојат или парцијални или неверодостојни податоци. Во таа смисла, се водевме според регистарот како ја направивме воопшто методологијата односно како ја направивме селекцијата кои медиуми ќе влезат во оваа база, додаде Петрушева.

Како што посочи, најмногу се воделе според тоа кои се најголемите телевизии според регистарот, значи петте национални, плус јавниот дифузер како и најголемите кабелски и сателитски медиуми.

-Тој избор беше прилично лесен кога се работи за печатените и радијата, бидејќи постојат се помалку. Критериумите беа да бидат на национално ниво и да бидат со информативни содржини. Во таа смисла имаме покриено пет радија и пет печатени медиуми, додаде Петрушева.

Како што рече, најголемиот предизвик во делот на изборот бил за онлајн медиумите бидејќи не постои еден регистар според кој може да се види кои се највлијателните медиуми.

Податоците од базата на податоци се главно од Централниот регистар, а за секој медиум се вклучени и финансиските податоци за претходната година.

Според евроамбасадорот Дејвид Гир, секој граѓанин има право да знае кој стои зад вестите, кои ги конзумира, кој ја обликува медиумската агенда и да одлучи кои извори се релевантни, а кои не.

- Не значи дека секој сопственик нужно се вмешува во вестите, но важно е да постои јасност и транспаретнсот за граѓаните и читателите. Целосно стоиме зад оваа заложба на БИРН и ГМР и со нетрпение чекаме да ја користиме оваа база на податоци и се надеваме дека ќе биде корисна алатка за пошироката заедница, посочи Гир.

Драган Секуловски од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) зборуваше за кампањите од јавен интерес, при што потенцираше дека од Владата добиле информација оти оваа година ќе има само 10 милиони денари.

-Во однос на предложените измени за кампањите од јавен интерес кои се во Парламентот, можам да кажам дека политичката волја е малку сменета и тоа ни дава амбиција дека тој предлог закон нема да помине во Собрание, сепак на крајот на денот дека пратениците ќе имаат разум и нема да го изгласаат, рече Секуловски.

Во рамки на проектот за мониторинг на медиумското сопствеништво се вклучени повеќе од 30 медиуми (печатени, онлајн, радио и ТВ) избрани врз основа на нивното влијание и информативната содржина.

Базата за медиумска сопственост е дел од поголем проект што, со поддршка од Европската Унија, се спроведе во сите земји од Балканот со идентична методологија дизајнирана од страна на „Глобалниот медиумски регистар“ што од 2021 делува како самостојна организација.

Базата на податоци ќе биде достапна на македонски, албански и англиски јазик. бт/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан