• четврток, 26 декември 2024

Промовирана анализата „Родова статистика и вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем на Северна Македонија“

Промовирана анализата „Родова статистика и вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем на Северна Македонија“
Скопје, 7 септември 2022  (МИА) - Реактор – Истражување во акција денеска  ја промовираше родовата анализа на тема: „Родова статистика и вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем на Северна Македонија“, која ги разгледува прашањата - како да се вклучи родот во националниот статистички систем и кои се приоритетните области на кои им недостасува родова статистика. Како што соопшти Реактор Истражување во акција, документот се обидува да даде одговор на овие прашања преку анализа на правната и институционалната рамка на официјалниот статистички систем и националното законодавство, законодавството на ЕУ, стратешките и политичките документи поврзани со родовата статистика; анализа на постојните практики релевантни за производство и дисеминација на родова статистика; анализа на расположливите родови статистики и родови индикатори; анализа на достапни податоци поделени по пол од овластени тела за државна статистика и анализа на можни административни извори за родово групирани податоци надвор од официјалниот статистички систем. На панел-дискусијата по повод промоцијата, Васка Лешоска од Реактор – Истражување во акција ја презентираше анализата и препораките за подобрена соработка и координација меѓу клучните национални чинители за вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем. - Родовата статистика треба да ни покаже како живеат мажите и жените, девојчињата и момчињата во сите нивни различности во едно општество. Истовремено, родовата статистика треба да ни помогне да оцениме дали нештата се менуваат со текот на времето и дали јавните политики резултирале со намалување на нееднаквостите. Оттаму, клучно е стратешките цели за родова еднаквост на државата да се операционализираат низ статистички показатели кои со текот на времето ќе овозможат континуитат на нашите напори и одговор на прашањето колку сме блиску до остварување на родова еднаквост во сите аспекти на нашето живеење. Дијалогот меѓу носителите на статистичка дејност, креаторите на политики, граѓанското општество и другите корисници е клучен за мапирање на потребите за родова статисика, информирање на политиките со докази и за унапредување на статистичката писменост, рече Лешоска. Во отворената дискусија учествуваа претставници на Министерство за труд и социјална политика, Државниот завод за статистика; Секретаријатот за европски прашања; Амбасадата на  Шведска, Канцеларијата на UN Women, Националниот демократски институт и граѓанските организации Акција Здруженска и Центарот за истражување и креирање на политики. Анализата е изработена од Реактор – Истражување во акција, со поддршка на Европската Унија и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка, како дел од проектот Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ, кој се фокусира на зајакнување на регионалната соработка на женските граѓански организации, истражување и родови анализи за информирање  политики, застапување засновано на докази и мониторинг на реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ, насочени кон унапредување на родовата еднаквост во регионот на Западен Балкан во процесот на пристапување во ЕУ. хс/цр

Остани поврзан