• четврток, 26 декември 2024

Проект за соларна енергија во станбени згради во општините Карпош и Битола 

Проект за соларна енергија во станбени згради во општините Карпош и Битола 

Скопје, 9 мај 2023 (МИА) - Хабитат Македонија и општините Карпош и Битола потпишаа меморандум за соработка на полето на развој на користењето на обновливи извори на енергија во домаќинствата во станбените згради. Оваа соработка е дел од активностите на проектот „Sunrise – потрошувачи-производители на соларна енергија“. Проектот е финансиран од Европската климатска иницијатива (EUKI),  а има за цел зголемување на употребата на обновливите извори на енергија во станбениот сектор од страна на индивидуалните сопственици/станари, следејќи го концептот на потрошувачи-производители, односно произведувачи и корисници на енергија во исто време.

Проектот Sunrise го поддржува амбициозниот Зелен Договор на ЕУ за постигнување на климатска неутралност во 2050 година и за декарбонизација на енергетските системи преку зголемување на употребата на обновливи извори на енергија во домаќинствата, особено на оние кои живеат во станбени згради преку иницирање модели за зголемување на користењето на соларна енергија во три земји - Бугарија, Литванија и Северна Македонија.

-Со проектот Sunrise, Хабитат Македонија партнерски се вклучува во проектот од EUKI програмата на германската Влада, и заедно со општините Карпош и Битола ќе спроведеме повеќе активности за  зголемување на користењето на соларна енергија од страна на домаќинствата кои живеат во станбени згради. Проектот предвидува активности за анализа на параметрите кои влијаат врз зголемување на користењето на соларна енергија во станбени згради, вклучување на граѓаните во разбирање и едукација за користење на соларна енергија, изнаоѓање на решенија за финансирање за обновливи извори на енергија во станбените згради, како и инсталирање на пилот приклучоци и фотоволтаици во станбени згради, изјави Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија. 

Учесниците во проектот велат дека новите законски и подзаконски решенија во областа на обновливи извори на енергија во земјава поволно ќе влијаат врз остварувањето на активностите на проектот. Со воведувањето на  производителите-потрошувачи, секое домаќинство, мал потрошувач, буџетски корисник може да изгради фотонапонска електроцентрала  за  производство на електрична енергија на својот кров, при што произведената електрична енергија ја користи за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведена електрична енергија  го предава во  електродистрибутивната мрежа. Инсталираната моќност на електроцентралата не треба да ја надминува предвидената инсталирана моќност согласно на Правилникот за обновливи извори на енергија. 

-Со измените се овозможува потрошувач-производител да стане и домаќинство кое се снабдува со електрична енергија од универзалниот снабдувач, а воедно се дава можност за инсталирање на фотонапонски електроцентрали со моќност до 6kW, со  цел  домаќинствата кои имаат зголемени потреби од електрична енергија да ја задоволат својата потрошувачка, а остатокот да го предадат во мрежата. Исто така се овозможува и заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда или заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда кои склучиле договор за вршење управувачки услуги со управител на станбени згради, да може да изгради постројка за производство на електрична енергија од обновливи извор до 6kW, а произведената електрична енергија да се користи за потребите на заедничките делови во станбената зграда, изјави Валентина Страделова, раководител на Секторот за енергетика при Министерството за економија. 

Во нашата држава проектот ќе се спроведува во општините Карпош и Битола, каде ќе се одвиваат активности за зголемување на искористувањето на сончевата енергија во домаќинствата кои живеат во станбени згради.

-Општина Карпош со Хабитат Македонија повеќе од една деценија спроведува проекти за подобрување на енергетската ефикасност во станбените згради, и особено ни е драго што ја прошируваме оваа соработка на полето на соларната енергија во станбени згради. Општина Карпош е меѓу првите општини во земјава со активна програма за поставување на соларни панели на јавни објекти, и навистина е предизвик да се биде дел од овој проект и да работиме заедно на унапредување на користењето на обновливи извори, како дел од нашите заложби за климатска неутралност,  изјави Стевчо Јакимовски, градоначалник на општина Карпош. 

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски информираше дека во општината веќе е направено мапирање на состојбата на сите основни и средни училишта и градинки за поставување на фотоволтаици на училиштата, евидентирано е каде се направени потребните реконструкции во делот кој е поврзан со зголемување на енергетската ефикасност, односно заштеда на енергија и намалување на загубите и каде треба дополнително да се интервенира, со што во завршна фаза е и изработката на Програмата за енергетска ефикасност. - Во тек се повеќе проекти во насока на поголемо искористување на сончевата енергија и обновливите извори, и секако верувам дека голем поттик кај граѓаните за користење на сончевата енергија, ќе даде овој проект не само преку активности за јакнење на свесноста кај граѓаните, туку и со поттикнување на конкретни активности во делот на практична имплементација и реализација на пилот проекти, изјави Коњановски. 

Како што информираат од Хабитат Македонија, на настанот се претставени и надлежностите на Советодавна група за чинители на проектот Sunrise, тело на проектот кое ќе учествува во процесот на идентификување на приоритетите на локалните заедници и нивно интегрирање во проектните цели и активности, согласно законодавните и стратешките национални и локални цели во врска со прашањата за надминување на енергетската сиромаштија. 

Проектот Sunrise е дел од Европската климатска иницијатива инструмент за финансирање на проекти на Германското федерално министерство за економски работи и климатска акција (BMWK). Конкурсот на EUKI за проектни идеи е имплементиран од страна на Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH. Неговата примарна цел е EUKI да ја унапреди соработката во однос на климата во рамки на Европската Унија со цел да се намали емисијата на стакленички гасови. лв/ац/

Остани поврзан