• петок, 27 декември 2024

Проектна програма за нов мост на Вардар кај Башино село, следуваат активности за проектна документација 

Проектна програма за нов мост на Вардар кај Башино село, следуваат активности за проектна документација 

Велес, 25 јули 2023 (МИА) - Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) презема активности за изградба на нов мост на реката Вардар во близина на Башино Село на еден од влезовите на Велес. Подготвена е проектна програма и треба да се спроведе јавна набавка за избор на проектантска куќа за подготовка на проектната документација, соопштија од ЈПДП на прашање на МИА дали ќе се реконструира 52 години стариот руиниран мост на Вардар кај Башино Село или ќе се изгради нов.

Од ЈПДП појаснуваат дека при увидот на мостот на Вардар кај Башино Село со консултанти/професори од Градежен факултет е констатирано дека мостот е во лоша состојба заради што ЈПДП презема активности за изградба на Нов мост на Вардар кај Велес.  Засега нема информација кога ќе заврши подготовката на проектната документација и во кој рок се планира да се изгради новиот мост.

Единствено решение дотогаш и понатаму е поминување по стариот и руиниран мост за кој стручњаците алармираа дека може да се урне бидејќи секојдневно по него поминуваат тешки товарни возила, што предизвикува дополнително оштетување. Како особено ризични се посочуваат периодите кога има обилни дождови  при што дебели стебла се заглавуваат на раклите на мостот и претставуваат опасност. При временски непогоди со обилни дождови како што беше и оваа пролет,   општинските власти со ангажирање на механизација  правеа  големи напори да се остранат стеблата и да се спаси мостот, изграден како времен во далечната 1971 година од тогашната ЈНА.

Експертите од Катедрата за теорија на конструкции од Градежниот факултет од Скопје уште во август 2018 година по  нивните спроведени испитувања за стабилноста на мостот појаснија дека припадниците на ЈНА со цел побрзо да го изградат мостот искористиле систем на набивање на колови или шипови и не ги потполниле со бетон и затоа на столбовите е видливи и со голо око  дека има оштетувања. Според мерењата на Заводот за испитување на материјали извршени во август 2018 година само  во текот на еден час по овој мост  поминале 39 шлепери, 43 полесни товарни возила и комбиња и 250 автомобили.ад/лв/

фото:МИА архива 

 

Остани поврзан