• среда, 18 декември 2024

Проекти за инклузија на деца Роми и дообразување на возрaсни Роми во Кочани

Проекти за инклузија на деца Роми и дообразување на возрaсни Роми во Кочани

Кочани, 14 ноември 2024 (МИА) - Општина Кочани и детската градинка „Павлина Велјанова“ се вклучија во проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи детски градинки за учебната 2024/25 година“, чиј носител е Министерството за социјална политика, демографија и млади. 

Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, директорката на градинката, Јованка Ефтимова и министерот Фатмир Лимани го потпишаа договорот со кој од плаќање партиципација ќе бидат ослободени децата Роми кои живеат во семејства во социјален ризик.

-Според заклучокот на Владата, за 2024/25 година во детската градинка „Павлина Велјанова“ во Кочани можност за ослободување од партиципација ќе имаат 20 деца Роми на возраст од 3 до 6 години, информираа од Општина Кочани.

Паралелно со овие активности, Општина Кочани и Здружението „Ромаликтико“ ќе го реализираат проектот за дообразување на возрасни лица Роми, кои немаат завршено основно образование.

За оваа намена од општинскиот буџет, во рамки на Програмата за социјална, детска и здравствена заштита за 2024 година, обезбедени се 200 илјади денари. „Ромалитико“ треба да преземе најмалку 50 отсто од трошоците и да ангажира лиценцирана школа за дообразување на 30 возрасни лица Роми и други ранливи групи од Општина Кочани.

Заинтересираните возрасни лица без основно образование можат да се  пријавуваат во канцеларијата на „Ромалитико“ во Кочани.

Минатата учебна година Здружението „Ромалитико“ самостојно спроведе ваков проект и овозможи дообразување на 100 возрасни лица од Македонија, од кои 10 беа од Кочани. та/сст/

фото: МИА 

Остани поврзан