• среда, 25 декември 2024

Проевропското мнозинство во ЕП постигна договор за одобрување на сите кандидати за еврокомесари (ДПЛ)

Проевропското мнозинство во ЕП постигна договор за одобрување на сите кандидати за еврокомесари (ДПЛ)

Брисел, 20 ноември 2024 (МИА) - Трите групации од т.н. проевропско центристичко мнозинство во Европскиот парламент - Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) вечерва постигнаа договор за деблокирање на процесот за избор на новата Европска комисија.  

Како што објави „Еурактив“ повикувајќи се на извори во Европарламентот, договорот опфаќа СД да се откаже од противење на одобрувањето на кандидатите за извршен потпретседател на ЕК за кохезија и реформи и за еврокомесар за кохезивна политика, регионален развој и градовите, Италијанецот Рафаеле Фито, кој доаѓа од редовите на десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), и за еврокомесар за здравство и благосостојба на животните Оливер Вархеји, близок до екстремно десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ), а за возврат ЕПП се согласи за поддршка на кандидатурата на извршна потпретседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција и за еврокомесарка за конкурентност, социјалдемократката Тереза Рибера Родригез. 

Договор вклучува и одземање на ингеренциите на Вархеји за правата на сексуално и репродуктивно здравје и за подготвеноста и управување со кризи, како и надзорот над Управата за подготвеност и одговор при здравствени итни случаи (ХЕРА). Овие надлежности треба да ги преземе Белгијката, Хаџа Лабиб, која ќе биде еврокомесарка за подготвеност, управување со кризи и еднаквост. 

На одземање на дел од ингеренциите на Вархеји инсистирала СД, која за возврат се откажала од барањето Фито да не биде потпретседател на ЕК.  

Според истите извори, лидерите на трите групи, Манфред Вебер од ЕПП, Ираче Гарсија Перез од СД и Валери Ајер од РЕ, ќе потпишат и Изјава за соработка, во кој ќе бидат наведени заедничките политички приоритети за претстојниот мандат, фокусирајќи се одржливиот раст, конкурентноста, подготвеноста, демократските вредности, дигитална транзиција и посветеност на „се поблиска Унија“. 

Согласно договорот за вечерва е предвидено ресорните комитети на ЕП да ги одобрат номинациите на шесте кандидати за потпретседатели на ЕК и на Вархеји. 

По постигнатиот договор се создаваат услови утре да се одржи Конференцијата на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, кој ќе изврши конечна евалуација на номинациите и ќе го прогласи процесот на сослушување на кандидатите за еврокомесари за завршен.  

По ова европратениците на 27 ноември, во рамки на пленарното заседание во Стразбур, ќе треба гласаат за избор на Европската комисија во пакет. За да биде избрана, новата Европска комисија треба да добие мнозинство гласови на пратениците што ќе гласаат. сп/

Фото:ЕПА

Остани поврзан