• среда, 25 декември 2024

Проевропската претседателка на Молдавија ќе се кандидира за втор мандат

Проевропската претседателка на Молдавија ќе се кандидира за втор мандат

Киншаса, 24 декември 2023 (МИА) - Молдавската претседателка Маја Санду денеска изјави дека ќе се кандидира за втор мандат следната година за да ја насочи поранешната советска република кон членство во Европската Унија.

ЕУ во декември се согласи да отвори официјални преговори за пристап со Молдавија и со соседна Украина.

Маја Санду рече дека отворила „нова страница“ за земјата со 2,6 милиони жители, која граничи со Украина и членката на ЕУ, Романија.

„Имаме уште важни чекори што треба да ги преземеме и ветувам дека ќе продолжиме доколку ми ја дадете довербата за нов мандат во 2024 година“, рече таа во порака објавена на Фејсбук.

Таа побара од парламентот „да иницира организирање референдум (за членство во ЕУ) следната есен, на кој одлучувачки ќе биде гласот на граѓаните“.

Маја Санду (51), поранешна економистка во Светска банка, води во анкетите за претседателските избори што ќе се одржат на крајот на следната година.

Анкетата на јавното мислење спроведена претходно овој месец и даде околу 30 отсто поволно мислење, во споредба со 24 отсто за прорускиот поранешен претседател Игор Додон. Таа веќе го победи во јуни 2020 година.

Сегашната проевропска влада на Молдавија ја осуди руската инвазија на Украина и тврди дека Москва стои зад заговорот за нејзино соборување. ссм/

фото: архива

Остани поврзан