• четврток, 26 декември 2024

Продолжува штрајкот во Државниот испитен центар

Продолжува штрајкот во Државниот испитен центар

Скопје, 19 декември 2023 (МИА) - Штрајкот во Државниот испитен центар за измени на Колективниот договор и зголемување на платите на вработените продолжува. Околу 700 кандидати чекаат да полагаат за лиценца што ја издава ДИЦ, но поради штрајкот тоа нема да се случи во оваа сесија, информираа денеска на прес-конференција раководството на Синдикатот во ДИЦ и на Сојузот на синдикати на Македонија. 

 Слободан Трендафилов, претседател на ССМ истакна дека актуелните штрајкови во ДИЦ, јавното обвинителство и во други јавни институции се резултат на незадоволството од ниските плати.

-Потпишувањето на Колективниот договор требаше да значи дека има решение за зголемување на нашите плати. Ветувањето дадено од функционерите дека ќе бидат на исто ниво со работниците не е исполнето. Со договорот што го постигнавме требаше функционерите да покажат добра волја и да ги изменат законите и посебно висината на просечната плата за која добија 78 проценти зголемување врз основа на одлуката на Уставен суд. Но, ние видовме дека функционерите не размислуваат за работниците и затоа се случуваат штрајкови, а ќе се соочат со гневот на работниците. Не е хумано функционерите да велат дека биле потребни измени во седум закони за да им се вратат платите на нивото од март годинава, а потоа во 2025 година да има системско решение на задоволство на сите. Ние на функционерите им кажавме дека ќе се соочат со проблем и незадоволство од граѓаните, како што сега се штрајковите во ДИЦ, во обвинителството, правосудни органи и други јавни институции, рече Трендафилов.

Загрижувачко е што, како што дополни, сите функционери од власта и опозицијата, на централно и локално ниво се толку многу сложни за нивните 78 проценти зголемени плати. - А и Уставниот суд пред некој ден не донесе времена мерка за замрзнување на платите на функционерите, отфрлајќи иницијатива на невладина оргнизација за овој проблем. Очигледно е дека и Уставниот суд потфрла на задачите што ги има, оцени Трендафилов. 

 Емилија Бошковска, претседателка на синдикалната организација на ДИЦ, потврди дека штрајкот продолжува и истакна дека бараат измени на Колективниот договор за да добијат зголемување на платата за 25 проценти. 

-Од Министерството за образование и наука добивме некаков вид на поддршка, иако треба да се знае дека Државен испитен центар се занимава само со образовна дејност. На разговори го повикавме Министерството за финансии, но тие се „глуви“, „неми“, а во одговорот што го испратија до медиумите се повикуваат на некакво системско решение. Во нивниот одговор што го добивме после два месеца е наведен нов Закон за административни службеници. Ние ништо не знаеме што содржи тој Закон за административни службеници и сметаме дека ова е манипулирање. Во меѓувреме, добивме 10 процентно покачување на платите, но нашата почетна позиција беше минимална. Единствено што добивме, а е благодарение на штрајкот, тоа е К-15, ако не беше штрајкот и тоа немаше да го добиеме. Во Државен испитен центар има малку вработени, со многу големи и сериозни задачи и одговорност на секој вработен, но тоа никој не го цени и го смета за небитно. Се надевам дека сепак ќе има слух, дека реално ќе преговараме и дека тоа што велат дека заслужуваме повеќе и дека не сме реално платени, дека ќе биде решено за сите 29 вработени. Нашите барање се да се извршат измени на посебниот Колективен договор со кој наместо 78 ќе добиеме 25  проценти зголемување на платата, посочи Бошковска. мт/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан