• четврток, 26 декември 2024

Продолжува сослушувањето на уапсените за инцидентите во кои беше убиен навивачот на АЕК, 30 од нив веќе притворени

Продолжува сослушувањето на уапсените за инцидентите во кои беше убиен навивачот на АЕК, 30 од нив веќе притворени

Атина, 12 август 2023 (МИА) – Со втората група од 30 уапсени навивачи денеска продолжува маратонскиот процес на сослушување на уапсените по инцидентите во понеделникот вечерта пред стадионот на АЕК, кога беше убиен 29-годишен навивач на атинскиот тим, додека пак вчера, на сите хулигани од првата група, исто така 30 лица, им беше одредена мерка притвор, јави дописничката на МИА од Атина.

Сослушувањето вчера траеше цел ден, уапсените даваа исказ пред истражни судии, а за сите 30 беше одлучен притвор.

Меѓу нив 28 се Хрвати, еден е Грк и еден Албанец, а според грчките медиуми, сите се бранеле дека немаат никаква поврзаност со убиството на 29-годишниот навивач на АЕК.

Хрватските навивачи негирале дека поседувале ножеви и наводно рекле дека кај стадионот стигнале за да го следат тренингот на Динамо Загреб, а не да ги нападнат навивачите на АЕК.

Процесот на сослушувањето на уапсените 105 лица, започна вчера, продолжува денеска и утре, а хулиганите се поделени во три групи, вчера исказ дадоа 30 лица, денеска се други 30, а останатите 45 ќе бидат сослушани утре.

Уапсените се товарат за четири кривични и седум прекршочни дела, меѓу кои и за убиство со умисла, како иако убиецот сѐ уште не е идентификуван, за криминална организација, за експлозија и поседување експлозивен материјал итн.

Во делот околу стадионот на АЕК по инцидентите полицијата пронашла предмети кои хулиганите ги користеле, а меѓу кои и џебни ножеви, пиротехнички материјали, метални и дрвени палки, камен, фантомки, дрвена табла во должина од 120 сантиметри на која имало клинци и траги од крв, три дрвени палки долги 83 сантиметри, а на две од нив со траги од крв, дрво во должина од 52 сантиметри исто рака со траги од крв, на кое било заковано друго дрво, џебни ножеви во должина од 17 и 20 сантиметри, медицинска маска со траги од крв, маици, стаклени шишиња од пиво, патики итн.

Според грчките медиуми, 29-годишниот Михалис, навивачот на АЕК, кој беше убиен во понеделникот, согласно извештајот од спроведената обдукција, бил повреден во подлактницата, веројатно со нож од типот „Карабит“, што довело неконтролирано крвавење, а десет минути подоцна настапила и смртта.

Државната телевизија ЕРТ вчера објави дека тројца Грци, еден Хрват и еден Албанец се под лупата на грчката полиција како можни сторители на убиството на навивачот, со оглед на тоа што кај албанскиот и хрватскиот државјанин, во моментот на апсењето биле пронајдени џебни ножеви со траги од крв. 

Од Грците, двајца ѝ се веќе познати на полицијата како навивачи на грчки тим и имаат криминално досие, едниот во минатото бил апсен четири пат, другиот еднаш, а третиот осомничен е идентификуван, но се бара. 

За случувањата во грчкиот и европскиот фудбал следната среда ќе разговараат премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и претседателот на УЕФА Александар Чеферин на нивната средба во Атина.  

Мицотакис и Чеферин вчера имале телефонски разговор и се договориле да се сретнат, додека пак по нивната средба, грчкиот премиер ќе одржи состанок на кој освен претседателот на УЕФА и релевантните министри поканети се да учествуваат и сопствениците на грчките фудбалски клубови Олимпиакос, Панатинаикос, АЕК и ПАОК. ср/сд/

Остани поврзан